1. Предизвици за традиционалниот модел на граѓанство

Living Democracy » Textbooks » 1. Предизвици за традиционалниот модел на граѓанство

Од крајот на Студената војна се забрзаа и зајакнаа различни процеси на модернизација (види го квадратот на следната страна) и преку тоа се разви една нова динамика. Случувањата и превратите кои во тоа време се случуваа во цела Европа го доведоа во прашање традиционалниот модел на граѓанството:

  • Глобализацијата на слободната трговија и комерционално-ориентираните пазарни економии им донесоа на луѓето во многу земји благосостојба – но не на сите. Јазот помеѓу богатите и сиромашните се зголеми, како внатре во, така и меѓу општествата, што забележително го загрози социјалното единство и меѓучовечката солидарност.
  • Притисокот од конкуренцијата ги принудува компаниите постојано да ја зголемуваат нивната продуктивност и да ги намалуваат трошоците за производство. Тоа го стави во тек перманентниот процес на иновирање кој има директно влијание на производите, технологиите и работните места, а индиректно влијае врз нашиот целокупен начин на живот. Јозеф Шумпетер го опиша овој процес како „креативно  уништување“13. Еден посебно воочлив пример за едно такво креативно уништување е реконструкцијата на целата макроекономија во Источна Европа.
  • Порастот на економијата ни донесе зголемена благосостојба, но истовремено се зголеми и потрошувачката на природни ресурси. Имајќи ги предвид зголемените емисии на CO2, станува сѐ потешко и поскапо да се спречат климатските промени или да се адаптираме на нив.
  • Новите информатички и компјутерски технологии нудат нови можности за зголемување на производството, за размена на информации, обезбедување на информации и подготвување на понуди за забава, за да наведат само некои аспекти. Ние живееме во медиумска култура и медиумска компетенција – компетенцијата која користи нови медиуми како за произведување (продуктивно) така и за примање (критичко-рецептивно) на информации и соопштенија, во меѓувреме стана дел од основните вештини како читање и пишување.
  • Благодарение на економскиот пораст и достигнувањата на модерната медицина населението во многу европски земји сѐ повеќе старее и светското население постојано расте. И двата развитоци се сериозен проблем за 21 век.
  • Националните држави имаат право на суверенитет и автономија. Меѓутоа концептот на национална држава може како да се ограничи така и да се изолира. Од крајот на студената војна можеме да го набљудуваме настанувањето на нови форми од дотогаш потиснатите колективни идентитети.
  • Модерните општества се претежно секуларни и плуралистички. За овој развиток во голема мерка придонесе миграцијата во Европа – пред сѐ внатре во Европската Унија. Плуралистичките општества се динамични и продуктивни, сепак интеграцијата на луѓето со различни мислења, вредности, интереси и социјални и етнички позадини истовремено ја става на проба социјалната солидарност.

Наведените предизвици најдобро се совладуваат во демократските системи. Секој обид тие и други проблеми да се решат со авторитарни средства е осуден на пропаст, бидејќи  не успева да се справи со комплексната реалност на општеството, економијата, животната средина, решавањето на конфликти итн. Воедно демократијата стои и паѓа со ветувањето за рамноправно учество. Колку покомплексни стануваат нашиот свет и предизвиците за нашата иднина, толку е потешко за просечните граѓани да го разберат изнаоѓањето на решенија и да учествуваат во него. Недовербата на многу луѓе кон традиционалните политички институции, форми на владеење и политички носители на решенија е вкоренето во чувството да се биде прескокнат и неслушнат. Демократијата и човековите права се загрозени, лабилните достигнувања и нивното долгорочно опстојување зависи од тоа дали и како таа може да им се предаде како наследство на идните генерации. Демократијата и човековите права се темели создадени од луѓето и со тоа не се „дадени од природата“, тие се поврзани едно со друго и влијаат и се зајакнуваат обострано.

Модернизација

Социолошкиот поим на модернизацијата се однесува на повеќедимензионалниот процес на социјалната промена. Во изминатите две децении навистина се зголеми модернизацијата во брзината, количеството и комплексноста, сепак од историска перспектива нејзиното потекло води назад  до измислувањето на печатарството, реформацијата, просветителството, револуциите во Голема Британија, САД и во Франција како и до индустриската револуција. Модернизацијата го измени секој аспект од човековиот  живот: како работиме, што правиме, каде живееме и како (колку често) патуваме, нашата благосостојба и распределбата на благосостојбата, развојот на човековите права, глобализацијата, технологиите, вредностите и мислењата кои ги застапуваме или одбиваме и како учествуваме во политиката и општеството.

Модернизацијата е амбивалентен процес кому сме му подложни бидејќи тој е наша „судбина“ во добро, како и во лошо. Научниците и филозофите се поделени околу тоа дали модернизацијата на големо и во целост е клетва или благослов. Соодветно изгледа едно гледиште кое модернизацијата ја набљудува како предизвик кој носи и ризици, но нуди и шанси: предизвик кој во секој случај мораме да го прифатиме за да можеме да ги држиме под контрола ризиците.

За многу луѓе во многу општества модернизацијата  содржи потенцијали и изгледи за поголема благосостојба и слобода. Истовремено граѓаните и носителите на решенија се конфронтирани со зголемени барања, тие сепак мораат да држат чекор со процесите на модернизација и нивните ризици и опасности  за да преживеат. Клучна улога при посредувањето на соодветните компетенции, без дискусија, игра образованието.

Со оглед на значењето на овие предизвици станува јасно дека е потребен нов вид на граѓани, имено такви кои не само што ги познаваат и разбираат нивните формални граѓански должности, туку се исто така во состојба и согласни активно да сторат нешто за општеството, за нивната земја и за народната заедница и кои го восприемаат нивното учество во вид и на начин кој придонесува за решавањето на проблеми. Зголемените предизвици бараат силни општества со компетентни – имено: соодветно образовани и квалификувани – носители на решенија и граѓани.

Педагозите се оптимисти. Тие веруваат во тоа дека младите луѓе – како и постарите кои се подготвени за доживотно учење – со соодветно образование можат да се стекнат со неопходните вештини за да можат да влијаат на развојот во нивната заедница и во целиот свет. Активното граѓанство како што натаму детално ќе биде изложено,најдобро се поттикнува со инструкции центрирани кон ученикот, а не преку наставни форми кои се ограничуваат на пасивно восприемање или учење напамет.

13. Schumpeter, Ј. А. (1993; англиско оригинално издание 1942): Капитализам, социјализам и демократија. Stuttgart: UTB.