ТЕМА 5: Права, слободи и одговорности

Living Democracy » Textbooks » ТЕМА 5: Права, слободи и одговорности

Кои се нашите права и како тие се заштитени?

ID_5599

Човековите права, од една страна, се занимаваат со развојот на човекот и со тоа колку луѓето се способни да го остварат нивниот целосен потенцијал во врските со нивните сограѓани. Од друга страна, човековите права ги дефинираат одговорностите на нацијата насочени кон поединците. Во значајните документи за човекови права се вклучуваат и Универзалната декларација за човекови права, Европската конвенција за човекови права и Конвенцијата за правата на децата. Традиционално, човековите права се поделени во категории – граѓански, политички, социјални, економски и културолошки. Овие категории често се поврзуваат со развојните стадиуми во историјата на човековите права, со граѓански и политички права, кои се сметаат за „прва генерација“, следени од социјалните и економските права, како „втора генерација“ и културолошките права, или развојните права, кои се сметаат за „трета генерација“. И покрај вредноста на категоризирањето на правата, ОДГ/ОЧП бараат да се промовира едно интегрирано сфаќање на човековите права. Тоа става еднаков акцент на сите категории: граѓански, политички, социјални, економски и културолошки. Според тоа, ОДГ/ОЧП бараат да се балансира тенденцијата во минатото кога некои права се сметаа за позначајни од другите. Иако човековите права, традиционално, беа поврзувани со државата и нејзиниот однос кон поединецот, ОДГ/ОЧП става акцент, во голема мера, врз правата на групите или народите. Обидите, за вклучување на овие идеи во ОДГ/ОЧП, се важни за развивањето на концептот, како и за развивањето на локалните, националните и регионалните заедници.19

Човековите права имаат три елементи: носител на правата, содржина на правото (што има право да бара носителот на правото) и носител на должност (личност или институција кој/а мора да одговори на барањето). Должностите, најчесто, се адресираат на три нивоа:

  • Да се почитува, значи воздржување од директно или индиректно одземање на правата на поединецот, вклучувајќи и воздржување од формирање на институционален систем кој би можел да им ги одзема правата на луѓето или давање поттик на другите да им ги одземаат правата на луѓето.
  • Да се заштитува, значи да се поттикне почитувањето; да се спречат оние кои бараат одземање на туѓите права – без разлика дали се тие владини службеници, меѓународни институции, приватни корпорации, водачи во заедницата, членови на одбори, или членови на семејството – за да престанат да го прават тоа.
  • Да се исполни, значи да се помогне на обесправените – вклучувајќи ги и оние кон кои поединецот има специјална одговорност, оние кои се обесправени, бидејќи постои неисполнување на должноста да се почитуваат и должноста да се  заштитуваат  нивните  права,  како  и  оние  кои  се  жртви  на  природни катастрофи. Оваа помош вклучува законско, буџетско, судско и друго делување за да се обезбеди најдобрата можна политика во заедницата за заштита на правата.20

Слободите, заштитени како граѓански права, вклучуваат слобода на мислата, размислување и изразување, слобода за религиозно верување и практика, на движење во рамките на една држава и право на мирно здружување и собирање. Останатите граѓански права ја заштитуваат приватноста на поединецот, семејниот живот и правото на еднаквост пред законот.21

Одговорностите се логичка последица на човековите права. Со цел да бидат заштитени, секое право носи соодветна одговорност, како за граѓаните, така и за државата. Секој поединец има морална должност да не го нарушува личниот дигнитет на другите луѓе. Владите, со потпишувањето на меѓународни спогодби и со обврзување во нивните устави, немаат само морална обврска, туку и законска должност.

Образование за демократско граѓанство и човекови права

Преку оваа серија на часови, учениците ќе:

  • ја разберат подобро природата на човековите права: тоа се предуслови кои го оспособуваат секое човечко суштество да живее со достоинство;
  • го зголемат нивното знаење и нивното разбирање на меѓународно –  признатите човекови права;
  • го зголемат нивниот капацитет за препознавање на прекршувањата на човековите права;
  • го зголемат нивното сфаќање за тоа како тие би можеле да придонесат во подобрувањето на почитувањето на човековите права;
  • го зголемат нивното сфаќање и свесноста за одговорностите поврзани со човековите права: одговорностите на државата и на институциите, како и нивните морални одговорности.

ТЕМА 5: Права, слободи и одговорности

Кои се нашите права и како тие се заштитени?

Наслов на часот Цели на учењето Задачи за учениците Материјали Метод

Час 1:

Желби, основни потреби, човечко достоинство и човекови права

 

Учениците можат да покажат дека човековите права се предуслов за секое човечко суштество, тоа да биде способно да живее со достоинство.

 

Учениците ги поврзуваат нивните желби со основните потреби и човекови права.

Материјал за учениците 5.1.
Материјал за учениците 5.2 (наставниците би требале да забележат дека овој материјал се користи
преку целата тема и поради тоа ќе биде потребен и за
останатите часови).

 

Групна работа, пленарна работа.
Критичко мислење.

Час 2:

Откривање на прекршувањата на човековите права

Учениците можат да ги идентификуваат прекршувањата на човековите права. Учениците проучуваат случаи на прекршување на човековите права. Материјал за учениците 5.3.
Материјал за учениците 5.2.
Работа во парови или групна работа.
Пленарна дискусија.

Час 3:

Права и одговорности

Учениците сфаќаат како тие можат да придонесат во заштитувањето на човековите права.
Учениците
сфаќаат дека човековите права се поврзани со одговорности – одговорности на државата и на институциите, како и нивни морални одговорности.
Учениците идентификуваат одговорности за да ги заштитат човековите права, вклучувајќи го и нивниот личен придонес. Празен лист хартија и пенкало.
Материјал за учениците 5.4.
Материјал за учениците 5.2.
Работа во парови или групна работа.
Критичко мислење.

Час 4:

Квиз за човекови права

Учениците учат за меѓународнопризнатите човекови права. Учениците одговараат на прашања со повеќе можни избори и дискутираат за импликациите од нивните одговори. Картички, со решенијата дадени од назад, за секој ученик (материјал за учениците 5.5). Прашања со повеќе можни избори.

19. Од „Речникот за термини за образование за граѓанско општество“, Karen O’Shea, Совет на Европа, DGIV/EDU/CIT, (2003) 29.
20. Засновано врз „Должности без граници. Човековите права и глобалната социјална правда“, Меѓународен Совет за политика на човекови права.
21. Исто.