2.2 Културната димензија на човековите права

Living Democracy » Textbooks » 2.2 Културната димензија на човековите права

Човековите права кои според нивната природа се граѓански и политички права опишуваат кои демократски процеси и права треба да бидат имплементирани во пракса: Слободата на мислењето и слободното изразување на мислата, слободата на медиумите (т.е. забрана на цензура), избирачкото право како и принципот на еднаков третман и недискриминација, кој што важи за уживањето на секое човеково право. Кога некоја земја ја ратификува Декларацијата за човековите права, таа со тоа се обврзува на хармонизација на националното законодавство и правната практика со оваа декларација, за да постигне сообразност со засегнатите меѓународни норми. Тоа се случува по сопствена волја.

Но што ќе се случи ако една земја не ги почитува човековите права? Има различни заштитни механизми кои се создаени од ООН, но и од регионалните институции за човекови права кои ги пропишале човековите права кои можат да бидат ратификувани од државите. Еден пример за тоа е Европската конвенција за човекови права, која се концентрира на граѓанските и политичките права. Државите можат да ја потпишат и Европската социјална повелба која ги набројува економските, социјалните и културните права. Доколку една држава која ја ратификувала конвенцијата, повреди едно од истите права, граѓаните на земјите членки на Советот на Европа (и секако и жителите на засегнатата земја) можат да се повикаат на Европскиот суд за човекови права како последна инстанца.

Почитувањето на човековите права во државно-правните демократии најмногу е загарантирано преку вообичаените механизми на демократските процеси. Кон овие механизми припаѓаат натамошниот развој на законите, но исто така и културата на учество и ангажирање и ангажманот на граѓаните.

Демократијата и човековите права зависат од една институционална референтна рамка која се состои од две компоненти: правилник од закони и начела кои се вкотвени во уставот и во правниот поредок и политичката култура. Демократијата и човековите права се ставени во една низа на начела, вредности и одговорности. Демократијата и човековите права дозволуваат несогласување, што сепак е возможно само при силен принципиелен консенсус на рамка која ги дозволува и штити слободите, но истовремено и ги ограничува. Накратко: може да се противречи на речиси сѐ, но тоа функционира само доколку сите се идентификуваат со систем кој ја дозволува противречноста.