Основни материјали за наставниците: Стереотипи и предрасуди

Living Democracy » Textbooks » Основни материјали за наставниците: Стереотипи и предрасуди

Што е стереотип?

Луѓето секогаш се дефинирани како припадници на групи, во зависност од нивната култура, нивните религиозни сфаќања, нивното потекло или надворешни карактеристики, како што се бојата на нивната кожа, нивната височина, фризура или облека.

Често, ова дефинирање на групите оди заедно со припишување на специфични квалитети на луѓето, така што тие специфични претстави асоцираат на одредените групи. Ако овие претстави се претерани, до таа мера што одвај одговараат на реалноста, ние ги викаме стереотипи.

Стереотипите, исто така, можат да се најдат и во книгите (дури и во учебниците), стриповите, рекламите или филмовите. Речиси сигурно, и ти си се сретнал/а со некакви стереотипи. Размисли, на пример, за претставата која ја имаш за африканските жени, кои носат здолниште од листови од палма, имаат дебели усни и малечки коски забодени во нивниот нос.

Од стереотип до предрасуда

Ако за личноста или за групата се суди според стереотипите, а не како за поединец или група на поединци, тогаш ние се справуваме со предрасуда. Сме формирале мислење за личноста или групата без да ги познаваме. Ваквите гледишта и идеи многу често немаат ништо заедничко со реалноста и тие се најчесто неповолни или непријателски.

„Позитивни“ стереотипи

Како и да е, постојат и позитивни стереотипи. На пример, ако некој рече дека црните луѓе се брзи тркачи, ние ова можеме да го наречеме позитивен стереотип. „Па, што има грешно во тоа?“ – можеш да си помислиш. Но, и во овој случај, луѓето грешно се ставени во еден кош заедно. Само размисли: дали навистина сите црни луѓе можат брзо да трчаат?

За што се добри стереотипите?

Предрасудите се чини дека го прават светот поедноставен и помалку комплициран. Ако луѓето сретнат други луѓе, кои им изгледаат чудно, тоа им создава чувство на вознемиреност. Во вакви ситуации, предрасудите им дозволуваат на луѓето да ја скријат нивната вознемиреност – можам да се преправам дека знам сé за другиот/те и не треба да поставувам никакви прашања. Но, резултатот од самиот почеток е неможност за вистинско среќавање и сфаќање.

Кој е ефектот од предрасудите?

Предрасудите се навредливи. Примарно, тие се користат кога некој неправедно се третира. Предрасудите им ја одземаат можноста на луѓето да покажат кои се и што можат да постигнат. На пример, еден работодавач можеби нема да му даде работа на турски кандидати за работа, бидејќи тој има слушнато дека „тие“ секогаш доцна доаѓаат на работа. Некои луѓе ќе се држат до предрасудите и популистичките идеи, иако тие не познаваат никого кој ќе им ги потврди овие негативни погледи.

Што можеме да направиме против предрасудите?

Предрасудите тешко изумираат и според тоа, тешко е и справувањето со нив. Но, нема потреба да се изгуби надежта: никој не се раѓа со предрасуди. Тие се учат, па можат и да се одучат. Пред да се суди за некоја личност, прашајте го/ја него/неа да објасни зошто го сторил/а тоа што е предмет на дискусија. Запомни дека и ти сигурно не сакаш да бидеш осудуван без да бидеш ислушан.