Час 1: Кој е одговорен?

Living Democracy » Textbooks » Час 1: Кој е одговорен?

Кој е најдобриот начин да се владее со една држава?

Цел на учењето Учениците учат за различните форми на владеење, на пр. демократија и диктаторство.
Задачи за учениците Учениците размислуваат за праведноста на системот на владеење во некое место, во замислено општество.
Материјали Копии од материјалот за учениците 9.1 за секој ученик, хартија и пенкало.
Метод Приказна, работа во парови, одделенска дискусија, формална дебата.

Концептуално учење

Формите на владеење можат да бидат класифицирани на различни начини, на пример, во зависност кој ја поседува моќта, како моќта е доделена на луѓето, каде лежи суверената власт и како се спроведуваат правилата. Во практика, главни типови се: демократија, монархија, теократија и тиранија или диктаторство. Тие треба да се сметаат како „идеални типови“, бидејќи во реалноста, тие можат да коегзистираат во иста земја – на пример, парламентарна демократија може да содржи во себе елементи на диктаторство, или може да коегзистира со владеачко кралско семејство.

 

Часот

Наставникот го започнува часот со читање на приказната,„Кралството Сикал“ (материјал  за  учениците  9.1.) Учениците треба да поседуваат копија од приказната, со што ќе можат да ја следат додека наставникот ја чита. Наставникот треба да престане со читањето по еден дел од приказната и да праша:

  • Што мислите за животот во Сикал од тоа што го слушнавте досега?

На крајот на приказната, наставникот треба да праша:

  • Што мислите за животот во Сикал сега?

Наставникот ги дели учениците по парови и им кажува да размислат за квалитетот на животот во Сикал. На учениците им се дава парче хартија на кое треба да запишат што мислат за предностите и недостатоците на живеење во Сикал.

Наставникот  им  кажува  на  паровите  да  ги  презентираат  нивните  идеи  пред одделението во целина и ги запишува главните поенти со цел сите да гледаат. Потоа, наставникот им кажува на учениците да се осврнат на начинот на кој се владее со Сикал:

  • Дали мислите дека со Сикал се владее на праведен начин? Зошто да, или зошто не?
  • Ако мислите дека може да се владее на поправеден начин, кои нешта би требало да ги промените за да биде поправеден?

Во продолжение, наставникот им кажува на учениците да замислат дека се жители на Сикал. Одделението е поделено во две големи групи за дебата: на едната група ѝ е кажано да дискутира во полза на тоа државата да продолжи да биде управувана од крал; на другата група ѝ е кажано да дискутира дека секој жител – не само кралот – треба да има глас во владеењето на земјата. Наставникот им дава на учениците неколку минути да размислат и да запишат аргументи кои можат да ги искористат во дебатата. Двете различни групи седат, соочувајќи се на спротивните страни на училницата при што  дебатата започнува. Учениците, од секоја страна, според редоследот ги изразуваат своите погледи – можеби помогнати од „зборувачко стапче“, што претставува, стапче кое се користи како микрофон.

Наставникот ги замолува учениците да ги дадат своите мислења за да види која од двете страни има најдобри аргументи.

Сега, учениците се подготвени за кратко објаснување (индуктивен приод). Наставникот ги запишува имињата на петте типови на управување и објаснува по што тие се разликуваат, упатувајќи на ученички импут, каде што е можно:

  • Монархија;
  • Демократија;
  • Диктаторство;
  • Теократија;
  • Анархија.

Часот завршува со прашување на учениците за системот на владеење во нивната држава. За домашна работа, учениците треба да откријат повеќе за тоа и да состават квиз – 5-10 прашања – за да го тестираат знаењето на другите во одделението, на следниот час.