Материјал за наставници 8.1: Зошто слободата зависи од правилата и законите

Living Democracy » Textbooks » Материјал за наставници 8.1: Зошто слободата зависи од правилата и законите

Можности за учење во оваа тема

Заемна зависност преку недостатокот на време

Најдрагоцениот ресурс во предавањето, учењето и воопшто во нашите животи е времето. Како професионалци, наставниците постојано мораат да го одговараат прашањето како најдобро да се искористи времето кое го имаат за час – а во интерактивното учење, учениците имаат одговорност за ова. Напредната огранизација во оваа тема може да функционира само ако учениците ја прифатат оваа одговорност да се користи времето за читање на материјалите кога треба – а тоа е пред првиот час. Во првата лекција може да се даде само 10 минути на учениците да изберат проблем за дебатата. Ако не ги прочитале материјалите однапред, класот ќе има помалку добри идеи за бирање – ова е пример за тоа како зависиме едни од други (заемна зависност).

Строгите правила ја штитат слободата на говор

Дебатата мора да се одвива во строго одредено време. Сите говорници ги имаат истите права на слободно мислење и изразување. Затоа достапното време за говорење мора праведно да се распредели – што значи еднакво, една минута за исказ. Изгледа парадоксно што строгите правила се потребни и корисни за заштита на нашата слобода. Временската граница функционира на два начина: нашето време за говорење е гарантирано, и е праведно. Од друга страна, го ограничува секој говорник на краток временски простор и говорниците мораат внимателно да размислат што ќе кажат. Тие мора да се концентрираат на клучните аргументи, да изостават сèшто е со помала важност и да ја искажат поентата кратко и јасно.

Слободата и рамките

Слободата за делување и говорење на учениците е врамена, ограничена и дефинирана на два начина. Прво, со достапното време за учење – часовите траат околу 40 минути, а дебатата мора да се вклопи во еден час и да не трае повеќе од 20 минути, бидејќи на тој час треба да се прават и други работи. Второ, правила дозволуваат праведно но ограничено време од една минута по исказ. Рамките имаат структурална димензија – времето во нашите животи е ограничено – и политичка, вештачка димензија: правилата се рамки без кои не би ги уживале нашите слободи без прекршување на туѓите права. Не може да се преговара за недостатокот на време, но за рамките на правила може.

Училиштето е животот

Дијалектиката на слободата и рамките со корен во универзалниот недостиг на време се случува во училиштата како и во јавниот живот. Овде во многу буквална смисла, училиштето е животот.