Час 4: Зошто се важни човековите права?

Living Democracy » Textbooks » Час 4: Зошто се важни човековите права?

Зошто ни е потребна легислатива за човековите права за заштита на ранливите групи?14

Цел на учењето Учениците се способни да ги сфатат:

  • прашањата кои произлегуваат кога луѓето со различни вредности и начини на живот се обидуваат да живеат заедно;
  • причините зошто се развиени меѓународните инструменти за човекови права, особено каде што поединците и заедниците се ранливи.
Задачи за учениците Учениците:

  • се ангажираат во критичка анализа и давање приоритет на ситуациите;
  • дискутираат во врска со играњето улоги на учениците меѓу две спротивни страни;
  • развиваат клучни принципи, засновани на играњето улоги и ги споредуваат со соодветните делови на Европската конвенција за човекови права;
  • го споредуваат сценариото со реални примери за злоупотреба на човековите права во нивната земја;
  • развиваат презентации за другите ученици за избраните елементи од Европската конвенција за човекови права.
Материјали Копии од сценариото за островот (материјал за
учениците 3.4.).
Копии од картичките со ситуации за секоја мала
група (материјал за учениците 3.5.).
Клучни елементи на човековите права (материјал за учениците 3.6.).
Големи листови хартија и уметнички материјали за последната презентација.
Метод Критичко мислење.
Дискусија.
Преговарање.
Групна презентација.

 

Информации за темата

Европската конвенција за човекови права беше воведена за да ги заштити правата на луѓето, чии основни права, на пример, правото на живот, на религиска слобода или за еднаквост пред законот, беа отфрлени. Сите влади, кои се членки на Советот на Европа, се согласија да се придржуваат до членовите на Конвенцијата, со почит кон нивните граѓани. Секоја земја треба да даде извештај до меѓународната заедница, од областа на човековите права, во рамките на самата земја. Индивидуално, граѓаните можат да се жалат до Европскиот суд за човекови права, ако тие веруваат дека земјата, од каде тие доаѓаат како граѓани, им ги повредува нивните човекови права. Една земја може, исто така, да поднесе тужба против друга земја поради кршењето на човековите права, но ова не се случува многу често.

Европската конвенција за човекови права беше блиску моделирана до Универзалната декларација за човекови права, која беше воведена по геноцидот од Втората светска војна.

Часот

Наставникот упатува кон „картичките со улоги“ (материјал за учениците 3.4.) кога тој/таа го претставува сценариото и двете групи, вклучени во играњето улоги. Прво, наставникот го опишува островот, ако е можно со помош на мапа на таблата и потоа ги опишува жителите на островот, кои живеат таму со генерации.

Потоа, наставникот му кажува на одделението дека пристигнала друга група на луѓе и тие сакаат да се населат на островот. Тие се многу различни од жителите на островот. Наставникот ги опишува доселениците и нивниот начин на живот и потоа го дели одделението на две половини. Едната половина од групата ќе ја играат улогата на жителите на островот, а другата половина ќе бидат доселениците. Постојат два можни начина за дискутирање на овие прашања (види ги методите 1 и 2 подолу). За одделенија, навикнати да играат улоги, употреби го метод 1. За одделенија, навикнати да работат на поформални начини, употреби го метод 2.

Метод 1: играње улоги

Учениците работат во парови. Едниот ја зема улогата на жител на островот, а другиот на доселеник. Тие треба да ги разгледаат сите ситуации опишани на малите картички од гледна точка на нивните луѓе. Тие ќе влезат во преговори со другите луѓе (под претпоставка дека јазикот не е пречка). Тие би требало да се обидат да се согласат за тоа:

a)  Кои се најсериозните проблеми на нивните луѓе?
б) Што сакаат тие да произлезе од преговорите?

Потоа, наставникот ги замолува паровите од жители на островот и паровите на доселеници да седнат заедно. Тие ќе глумат средба на двајца луѓе во обид да донесат согласност за овие прашања и за идните насоки.

Потсети ги двете групи, пред да почнат со дискусиите, дека жителите на островот може нема да се целосно среќни, сé додека доселениците не го напуштат островот, бидејќи нивниот начин на живот можно е да биде загрозен. Од друга страна, на доселениците им се допадна ова ново место и тие можеби се подготвени да употребат сила за да останат таму.

Замоли ја секоја група од четири ученици, најпрво да се договори за најсериозните проблеми со кои се соочуваат групите и сериозно да се справат со нив, работејќи од најсериозните до најмалку сериозните проблеми, како што дозволува времето.

Метод 2: водена дискусија

Оваа вежба најдобро се изведува преку играње на улоги, но може да се изведе добро и со ученици кои не се навикнати на тоа. Половина одделение ќе ги разгледува ситуациите од гледна точка на жителите на островот, а другата половина од онаа на доселениците. Секоја ситуација е опишана од две гледни точки. Работејќи во парови, учениците одлучуваат кои се најсериозните прашања и се обидуваат да мислат кој е најдобриот начин за решавање на секое прашање од нивна гледна точка. Потсети  ги  дека постои „идеален“ или „праведен“ начин за решавање на секој проблем, но реалноста (и минатото) наведува дека едната страна може да има повеќе корист од другата, што се должи на дисбалансот на моќта.

Наставникот ја води дискусијата за секоја ситуација, земајќи едно гледиште за проблемот и потоа прашувајќи ја другата група за спротивни точки на гледање. Наставникот се обидува да посредува во договорот помеѓу двете групи. Секоја дискусија може да биде водена од еден пар од секоја страна, доагајќи пред одделението да зборуваат за проблемот на кого тие гледаат. Друга варијанта на овој метод е паровите да дискутираат за секоја ситуација, со еден претставник од жителите на островот, а другиот претставник на доселениците.

Дебрифинг за методите 1 и 2

Испитај ги учениците за ситуациите кои ги дискутирале, користејќи ги следниве прашања:

  • Дали преговорите беа лесни или тешки? Зошто?
  • Дали секоја група го доби со преговорите она што го сакаше?
  • Која група доби најмногу од преговорите? Зошто?
  • Дали некоја од групите имаше повеќе морални права отколку другите во секоја ситуација?
  • Каква, најверојатно, би била иднината за двете групи на островот?
  • Што би можело да ја спречи доминацијата на едната група врз другата?
  • Составете листа на правила или принципи кои би можеле да им помогнат на двете групи во нивното заедничко живеење во мир на островот. Споредете ја оваа листа на одделението со клучните елементи на човековите права (види материјал за учениците 3.6.). Кои од овие членови би можеле да помогнат да се спречи луѓето, како што се жителите на островот, да ја изгубат нивната земја, нивниот начин на живот и нивните основни човекови права?

Наставникот истакнува дека ваков вид на проблем се случил многу пати во текот на минатото, на пример, кога британските доселеници ја колонизирале Австралија или Европјаните ја колонизирале Северна и Јужна Америка. Во текот на времето, немало меѓународна легислатива за човековите права, а место тоа, создадоа многу акти, кои ги прекршуваат човековите права на домородното население. Слични ситуации сеуште се случуваат, на пример, кога на јужно- американските племиња им беше одземен имотот од нивната земја, бидејќи некои меѓународни компании копаат или сечат дрвја.

Почитување на важноста на човековите права

Како последна вежба од оваа тема, наставникот ги замолува учениците (во групи) да одберат едно од човековите права, кои се наоѓаат во Европската Конвенција, за што беше дискутирано во текот на оваа тема. Потоа, учениците прават знаме на кое е прикажано ова право и подготвуваат презентација за неговото значење. Некои од учениците би можеле да нацртаат сцени од играњето улоги со жителите на островот, за подраматично илустрирање на прашањата. Овие би можеле да бидат презентирани пред одделението, целата генерација, па дури и пред целото училиште. На овој начин, темата може да води до еден иден проект, ако времето дозволува и ако учениците се заинтересирани. Види го часот 4 во тема 5 (медиуми) за то а како да се испланира таков проект во одделението.

14. Засновано на еден час, развиен од Фондацијата за граѓанство, Лондон.