Метод 1: Учење ориентирано кон делување

Living Democracy » Textbooks » Метод 1: Учење ориентирано кон делување

Како да се поддржи учењето преку поставување на задачи?

Интерактивното и кон делување ориентирано предавање и учење игра клучна улога кај повеќето активности кои се опишани во актуелното наставно средство. Овој пристап се стреми кон когницијата (значи кон мислењето и разбирањето), учењето и делувањето. Во секоја фаза на планирањето на лекциите, спроведувањето на учењето, евалвацијата на резултатите и рефлексијата на целокупниот процес се наоѓа многу скриен потенцијал за учење за учениците.

Принципот на вмрежување на мислењето и делувањето има влијание врз целокупниот процес на учење. Тој исто така имплицира дека активниот приод со содржини и предмети на учење не смее да се ограничи на прелиминарните степени на „реалното“ учење кај кои се поттикнува единствено интелектот. Напротив, вмрежувањето на мислењето и делувањето на учениците треба да посредува јасна замисла за тоа што треба од нивна страна да биде постигнато во сите фази на процесот на учење: тие мора да извршат задачи кои бараат примена на различни способности и вештини. Кај оваа наставна форма тие мора во секоја нова ситуација и одново да ги дефинираат нивните сопствени потреби за учење. Затоа им се потребни инструкции од наставник и тоа на таков начин, што тие – учениците – се тие кои на наставникот ќе му постават задача, а не обратно. Учењето ориентирано кон делување е идеална комбинација од конструктивистичко учење и учење со инструкции.

Кај овој вид на учење, ориентирано кон делување, учениците мора да се справат со проблеми кои сакаат сами да ги решат. Учењето не е само намена, туку корисна, рационална и целна активност. Учениците со тоа што испробуваат различни пристапи на решавање, учат и себе си и на нивниот наставник да им поставуваат задачи кои водат до решение. Училиштето е живот – овој лајтмотив на ОДГ/ОЧП важи исто така и за учењето ориентирано кон делување. Во многу ситуации од реалниот живот се работи за тоа да се решат проблеми. Учењето ориентирано кон делување ги подготвува учениците за живот при што им се нуди средина на учење со ситуации ориентирани кон пракса.

Структурата на соодветниот аранжман на учење се опишува со општи термини. Доколку наставникот се придржува на оваа структура , потенцијалот на делувачкото учење ориентирано кон дејство т.е. „Learning by doing“ речиси спонатано се покажува.

Централните елементи на учењето ориентирано кон делување се:

Учениците се наоѓаат пред една задача која треба да ја решат (која или е зададена од наставникот или ја има на пр. во учебникот или излегува од реалната средина на училиштето и учениците).
Учениците го планираат нивното постапување.
Учениците го имплементираат нивниот акционен план.
Учениците го рефлектираат нивниот процес на учење и ги претставуваат нивните резултати.

Важно е учениците да можат да ги искусат принципите на учење ориентирано кон делување, што почесто и во различни контексти. Една голема задача во која мора да се решат многу проблеми е најдобриот „рецепт“ за продуктивна и возбудлива средина на учење.