Глава 6 – Разбирање на политичката филозофија

Living Democracy » Textbooks » Глава 6 – Разбирање на политичката филозофија

V6_P55&97

Вовед

Сликата прикажува момче и девојче свртени еден кон друг. Тие меѓусебно си покажуваат коцки со симболи кои претставуваат политички филозофии. Тоа што се смеат еден на друг е важно, бидејќи симболите се различни и подразбираат контроверзност и несогласување. Вреди да се истражат значењата на овие симболи, колку што е тоа возможно. Момчето го покажува симболот „забранете ја бомбата“, приклучувајќи се кон пацифизмот. Пентаграмот може да претставува социјалистичка перспектива, но исто така и холистички поглед на човештвото. Цик-цак линиите можат да претставуваат вода, како симбол за заштита на природната средина, но значењето може да е и сосема различно. Девојчето го покажува А – симболот за анархизам. Симболот за женски пол може да ја претставува феминистичката перспектива. Цветот може да претставува заштита на природната средина или мир, но девојчето можеби има поинакво толкување на симболот. Младите луѓе ги искористуваат човековите права – слобода на мислење, слобода на изразување и еднаквост. Нема авторитет кој ќе реши кој е во право, а кој не е.

Сликата пренесува интересна и изненадувачки комплексна порака. Ние ги комбинираме симболите и концептите во политичката филозофија за да ги искажеме идеите и ставовите, но тие може да се амбивалентни5 или збунувачки. Затоа мораме меѓусебно да си ги објасниме изборите и внимателно да слушаме. Има многу точки за кои можеме да се согласиме или да не се согласиме. Шесте симболи се доволни за да ни дадат идеја за едно отворено, плуралистичко општество. Ние треба меѓусебно да се третираме со почит; тогаш ќе имаме добра расправа која никого не повредува и користи на сите.

Образованието за демократско граѓанство и човекови права (ОДГ/ОЧП) интегрира две димензии. Првата е поврзана со содржината. Во ОДГ/ОЧП, разбирањето на политичката филозофија е битно бидејќи ни дава чувство на упатеност и вредности кога ги проценуваме проблемите и преземаме дејство. Исто така ги разбираме другите повеќе.

Втората димензија на ОДГ/ОЧП се однесува на културата на цивилизираниот конфликт – расправањето со насмевка, ако е можно. Ваквата култура на конфликт мора да се учи во училиштата, преку искуство и разгледување. Ова може да почне на рана возраст и многу зависи од примерот кој го даваат наставниците и директорите. Наставникот по ОДГ/ОЧП треба да внимава да избегне две „замки“. Една е политичката коректност. Наставникот нема задача да ги учи учениците за некоја преферирана политичка доктрина, ниту пак тој/таа треба да ги притиска да ги прифатат неговите/нејзините лични гледишта. Втората е одбивањето со молчење, кое е суптилна форма на обесправеност. Учениците треба да научат да очекуваат и дадат заемно внимание и одговор. Наставникот треба да ги мотивира учениците да ги објаснат нивните избори за другите да ги разберат, но тие не треба да бидат приморани да се оправдуваат.

Вежбите може да се адаптираат за различни старосни групи и можат да се користат во основното и средното образование.

5. амбивалентен – што има двојна вредност