Час/Лекција 2: Добри момци, лоши момци?

Living Democracy » Textbooks » Час/Лекција 2: Добри момци, лоши момци?

Која е позицијата на политичарите во една демократија?

Цели на учењето Учениците разбираат дека една личност може да застапува цела група на луѓе. Тие развиваат разбирање за концептот на делегирање на моќ и одговорност.
Задачи на учениците Учениците ги споредуваат своите идеи со шема на политичко застапување во една демократија. Тие дискутираат за нивните погледи за политичарите и ги споредуваат со ставовите кои другите луѓе ги имаат за нив. Спроведуват кратки интервјуа за да го направат тоа.
Ресурси Шема на политичко застапување, пенкала, хартија.
Методи Индивидуална работа, групна работа, пленарна дискусија.

Опис на часот

Учениците добиваат шема со политичко претставување (работни материјали за учениците). Наставникот го претставува концептот на делегирање во една држава и објаснува дека како што има претседатели на клас, исто така има претседатели на држава. Тие имаат моќ која им е делегирана.

Наставникот им ја објаснува шемата и го објаснува системот на претставување. Процесот на избирање претставници е различен во различни видови на државни системи (на пример, во директна демократија и индиректна демократија).

Работејќи индивидуално, учениците ги пополнуваат празните места во работниот материјал. Потоа се групираат во парови и дискутираат за она што тие знаат за политичарите и разменуваат мислења за нив. Следните прашања за дискусија би можеле да помогнат:

  • Што мислиш за политичарите?
  • Кои политичари ги знаеш?
  • Што треба да прават политичарите?
  • Што не треба да прават политичарите?
  • Зошто многу луѓе мислат дека политичарите се лоши?

Потоа учениците добиваат задача да спроведат интервјуа и да ги прашаат другите луѓе што мислат тие за политичарите и нивните компетенции. Ги запишуваат прашањата кои сакаат да им ги постават на луѓето во нивната фамилија, во нивниот круг на пријатели, и во нивната заедница. Наставникот им дава инструкции да направат белешки со одговорите на луѓето. Некои предлог-прашања за интервјуата се:

  • Какви компетенции треба да имаат политичарите?
  • Зошто мислиш дека луѓето мислат дека политичарите се најчесто лоши?
  • Кои карактеристики треба да ги имаат политичарите?
  • Кои карактеристики не треба да ги имаат?

Учениците ги спроведуваат своите интервјуа после часот и ги носат одговорите на наредниот час.