Лекција 1: „Нашиот најитен проблем е …“

Living Democracy » Textbooks » Лекција 1: „Нашиот најитен проблем е …“

Дискусија за правењето политичка агенда

Оваа матрица ја сумира информацијата која наставникот треба да ја испланира и предаде на часот.

Стручното оспособување директно се однесува на ОДГ/ОЧП.

Крајната цел на учење покажува што учениците знаат и разбираат.

Задачата на учениците, заедно со методот го формираат главниот елемент на процесот на учење.

Списокот на материјали е во корист на подготовката за час.

Временскиот буџет на наставникот му дава груба ориентација за организацијата на време.

Стручно оспособување Расудување: правење избор, искажување причини.
Учество: заемно признавање на личното искуство, интересите и вредности.
Крајна цел на учењето Политичкиот проблем е прашање, не факт. Тој е итен и бара акција. Влијае на заедницата. Бидејќи се вклучени различни интереси, идеологии и вредности, прашање е дали проблемот треба да се вклучи во политичката агенда.
Во демократија, граѓаните кои учествуваат во ваквите дебати ја практикуваат слободата на мислење и изразување. Исто така, медиумите силно влијаат ан правењето агенда (слобода на печат).
Задачи на учениците Учениците имаат дискусија за правењето политичка агенда.
Материјали и извори Хартиени табли, маркери во различни бои, селотејп.
Метод „Ѕидот на тишината“ – работа во групи. Презентации и дискусија.
Временски буџет 1. Ѕидот на тишината – 15 мин.
2. Презентации. – 10 мин.
3. Размислување; вовед во истражувачката задача – 15 мин.

 

Информационо поле

„Ѕидот на тишината“ е метод кој им помага на учениците кои се помалку екстровертни или им треба време за размислување пред да кажат нешто. Работата во тишина им помага на учениците да се концентрираат, а нивните искази ќе бидат поинтересни и позначајни. Ѕидот на тишината е пример за парадоксот дека строгите правила ја поддржуваат слободата, а не ја нарушуваат. Учениците имаат улога на експерти: тие не можат да датат „погрешен“ одговор на клучното прашање.

Учениците симулираат јавна дебата за правење политичка агенда во училницата. Нивното искуство им помага да го разберат моделот на п. циклус подобро, бидејќи дебатата за правење агенда е првата фаза во моделот.

Тие даваат материјал кој можат поопширно да го проучуваат со истражувачката задача (лекции 2 и 3). Конструктивистичкиот пристап одговара на конструктивистичкиот модел на дефинирање и решавање политички проблеми во демократиите, бидејќи е создаден од политичкиот циклус.

Опис на лекцијата

1. „Ѕидот на тишината“17

Учениците формираат групи од пет ученици. Секоја група седнува во полукруг свртена кон хартиена табла која е прикачена на ѕидот. Секоја група има два-три маркери во различни бои. Работат во тишина. Во временски период од 10 минути, секој ученик прави минимално учествување со една изјава. Тој/таа ја довршува реченицата:

„Според мене, нашиот најитен проблем е…“

Учениците одговараат на реченицата или зборови кои се веќе запишани и тие можат да пишуваат колку што сакаат. Ако е потребно на групата и се дава втор лист од хартиената табла. Учениците исто така можат да ги поврзуваат исказите, користејќи стрелки или линии и симболи како прашалници и извичници. Нивниот постер ќе биде запис за нивната дискусија.

Наставникот ја следи дискусијата од дистанца. Тој/таа не интервенира или учествува во безвучната дебата, но гледа дали се почитуваат правилата – особено работата во тишина.

2. Презентација

По поминувањето на времето за пишување на постерот, постерите треба да се видливи за сите ученици. Учениците се собираат околу постерите во два големи полукруга. Една по една, групите ги претставуваат постерите на класот. Секој ученик одбрал реченица која не ја запишал/а и ја чита на класот, и кратко објаснува зошто ја одбрал/а. Доста често учениците се концентрираат на една или две искази. Не треба да има дискусија пред сите ученици да земат збор.

Наставникот ги собира исказите на учениците според општи наслови на табела која стои на таблата, зависно од информациите од учениците. Еве еден пример:

Нашиот најитен проблем е…
Економија Сигурност Прир. средина Општество
Борба против невработеност
Повеќе работа за младите
Сообраќајни незгоди
Намалена емисија на CO2
Подобрување на училиштата
Поддршка за младите жени

 

Наставникот може да ја предаде оваа работа на ученик. Презентерите и класот учествуваат во бирањето нови категории и одлучување каде да се стави секој запис.

3. Размислување

„Ѕидот на тишината“ симулира правење на политичка агенда. Тогаш кој е приоритетот според учениците? Дали класот може да се согласи за проблем кој заслужува приоритет? Табелата им помага на учениците да го одговорат ова прашање. Таа покажува дали учениците истакнуваат проблеми во одредена категорија и дали записите можат да се поврзат (видете ја економијата во примерот погоре).

Но можеби учениците нема да се согласат на еден проблем. Дали мораат да се согласат? Ова е прашање за кое вреди да се размислува.

Од една страна, тие живеат во слободна земја. Имаат слобода да избираат кој проблем ќе го сметаат за важен и ќе го промовираат во јавноста. Од друга страна, ресурсите се сиромашни – ова не е само прашање на парите од оданочените и фондовите, туку и прашање на време , енергија и секако јавно внимание. Многу луѓе можат да се справат со ограничен број на проблеми одеднаш, и обично брзо губат интерес; некои медиуми ја зголемуваат тенденцијата кон „агенда со еден проблем“.

Учениците можеби ќе мислат дека овој процес на правење агенда е нефер или дури и „глупав“, бидејќи проблемите кои тие мислат дека се битни не го добиваат заслуженото внимание. Кој ги исправува овие „погрешни“ одлуки?

Одговорот е – самите ученици, ако сметаат дека нешто треба да се направи. На некој начин, тие формираат партии кои имаат различни цели и вредности („идеологии“), кои се трајни протагонисти во дебатите за правење агенди (пр. работници, енвиронменталисти, активисти за малцинските права).

Оваа дискусија отвора интересен пат кон разбирањето која цел ја имаат партиите. Видете го предлогот за проширена истражувачка задача на крајот на ова поглавје.

4. Истражувачка задача

Откако го кажавме ова, учениците можат да ги следат своите интереси. Наставникот го информира класот дека тие ќе ја имаат можноста детално да истражуваат проблем по нивен избор. За да се подготват за задачата, учениците треба да соберат материјали од печатени или електронски медиуми за проблем по нивен избор. Тие не треба да бараат само дебати за правењето агенда, туку да најдат колку што можат повеќе информации за одлуки кои се прават или имплементираат, статистички податоци, искази од политички партии, лобија, невладини организации, итн.

17. Извор: Предавање демократија, ОДГ/ОЧП, Книга VI, во издание на Советот на Европа, Стразбург 2008, Вежба 7.1, стр. 62