Час/Лекција 4: Делење на моќта

Living Democracy » Textbooks » Час/Лекција 4: Делење на моќта

Кои критериуми го дефинираат системот на претставување?

Цели на учењето Учениците се запознаваат со концептот на повторно избирање и деселекција. Тие размислуваат за критериумите за дефинирање на системот на претставување.
Задачи на учениците Учениците дискутираат и ги дефинираат критеримуите кои им дозволуваат да ја контролираат работата на претседателот на класот.
Ресурси Flipchart; пенкала.
Методи Пленарна дискусија.

Опис на часот

Учениците ги носат одговорите од нивните родители во врска со изборите на час. Учениците седат во групи од 4 ученици и ги разменуваат одговорите кои нивните родители им ги дале.

Потоа, наставникот им чита приказна на учениците за претседателот во еден мал град.

Некогаш постоел еден мал град Здодевград каде луѓето биле многу несреќни. За ова имало неколку причини. Здодевград не бил многу интересен и немало што да се прави таму, освен одење во локалниот парк. Немало интересни продавници, немало концерти, и ниту едно место каде би можеле да се одржуваат некои спортски активности. Немало дури ни игралишта за децата во градинките и во училиштата. Луѓето во Здодевград само шетале во паркот, седеле таму и гледале во езерцето. Децата се враќале од училиште, пишувале домашна и исто така оделе во паркот, седнувале таму или трчале околу езерцето. Навечер, луѓето во Здодевград немале какви приказни да раскажат, никакви искуства ниту пак сеќавања кои би ги споделиле. Секој ден им бил ист.

Зошто тоа било така? Дали Здодевград бил премногу сиромашен за да се изградат фабрики во него? Дали луѓето таму биле премногу мрзеливи за да работат? Не, дефинитивно не. Едноставно немало кој да се заангажира за организација на нештата, никој не сакал да преземи одговорност за Здодевград и да започне да ги променува работите. За разлика од другите мали градови, Здодевград немал градоначалник.

Бидејќи ситуацијата во Здодевград била неподонослива, една недела група луѓе во паркот одлучиле да спроведат избори и да изберат некој кој ќе е одговорен за Здодевград, да изберат градоначалник на Здодевград. Нешто морало да се промени! И тоа брзо!

Немало многу луѓе кои биле заинтересирани за оваа позиција. Само двајца кандидати се пријавиле на изборите. Еден бил локалниот наставник, г-дин Сезнајковски, кој сакал да промени некои работи во училиштето и околу него со години. Имал идеи како да го направи ова, но кога луѓето од Бортаин ќе го запрашале што ќе промени во градот тој не знаел да одговори во моментот и им рекол дека прво ќе мора да ги праша жителите што им треба. Многу луѓе биле разочарани. Тие мислеле дека г-дин Сезнајковски ќе изгради трговски центар и кино и ресторани. Тие мислеле дека конечно ќе добијат огромен базен. Тие мислеле дека г-дин Сезнајковски ќе им вети изградба на концертна сала. Колку само биле разочарани граѓаните!

Кога вториот кандидат, г-дин Сламковски настапил на сцена, жителите на Здодевград не очекувале многу. “Ова е само губење на време; ништо нема да се промени во Здодевград во кој и да е случај”, рекол еден од постарите луѓе. “Мислам дека си во право”, дошепнала жената до него. Г-дин Сламковски, згоден млад човек, го започнал неговиот говор. Зборувал и зборувал. Зборувал за Здодевград како негов роден град, го споменал училиштето каде учел, и го споменал паркот каде пораснал. Споменал како работите мора да се променат во градот. Зборувал за игралиштата кои се потребни за децата, зборувал за новиот базен кој и тоа како им е потребен на жителите, ја споменал долгоочекуваната концертна сала, дури и го споменал паркот за возење ролери за тинејџерите. Како што г-дин Сламковски зборувал, лицата на жителите на Здодевград светнале. Оддеднаш, сите се смееле. „Можеби згрешивме” рекла повторно жената. „Да, можеби”, одговори стариот човек, кој веќе се замислуваше како плива во базенот.

Г-дин Сламковски прашал: „Како ќе платиме за сето ова? Многу лесно! Предлагам сите да ги споиме нашите заштеди и да ги изградиме овие работи едно по едно. Така сите ќе добиеме по нешто.” Ова им звучело многу примамливо на граѓаните. Кога се случиле изборите следната недела, само двајца од целиот град не гласале за г-дин Сламковски. Тој бил очигледниот победник. Единствените кои гласале за г-дин Сезнајковски биле самиот г-дин Сезнајковски и неговата мајка. Но сега нештата ќе се променат во градот. Сите го знаеле тоа. Конечно имало некој кој има јасна идеја дури и како да плати за тоа. Никој не се сомневал дека сите во Здодевград ќе му ги дадат парите на г-дин Сламковски кои ги имале заштедено во својот живот- и тој радо ги зел парите од сите граѓани.

Долго време после изборите, граѓаните од Бортуан биле задоволни, бидејќи знаеле дека наскоро ќе имаат се што посакуваат. Месец по месец поминувале, но сеуште ништо не се градело во градот; немало градежни работници да работат на поставување темели ниту работници да работат на новите згради.

Едно попладне, една машина пристигнала во Здодевград носејќи нешто големо, сино со интересна форма. “Приситгна нашиот базен” извикал едно од младите момчиња од училишното игралиште. “Супер” извикаа сите по него. Само по неколку денови дознале дека базенот е однесен во куќата на г-дин Сламковски и дека е вграден во неговата градина. Луѓето започнале да се чудат. Некои започнале да се сомневаат во неговите ветувања, но некои уште верувале дека тој ќе оствари сè што вети и останале трпеливи.

Само по една недела, група на постари луѓе виделе огромна, скапа кола како поминува, златна и сјајна. “Ха ха! Не знаевме дека ќе имаме посета од Кралицата”, се пошегувал еден од постарите луѓе. Другите продолжиле да се смеат, додека не виделе кој е зад воланот:г-дин Сламковски. Наместо да ги искористи парите за новите игралишта, тој си купил кола за него. Граѓаните во Здодевград биле вознемирени.

После една недела имало уште еден инцидент, кога г-дин Букваровска, поштарот од Здодевград, се враќал од дневните работни обврски и им раскажал на своите пријатели што се случило. “Замислете, кога поминував покрај вилата на г-дин Сламковски, слушнав многу интересен звук, како звук од слон. Па решив да застанам и да видам подобро што се случува.” “И што виде?” праша еден од неговите пријатели. “Тоа е најневеројатното: зирнав низ металната ограда и видов дека навистина има слон, кој ги прави тие звуци”. “Навистина?” прашал неговиот пријател со неверување. “Да, навистина, сè додека не видов дека е на филм. Но, никогаш досега немав видено толкав екран! Ви кажувам, г-дин Сламковски си го има изградено најголемото отворено кино на светот.” Никој не можел да поверува на тоа. Што се случи со концертната сала? Луѓето во Здодевград многу се вознемириле. Но што можеле да направат? Сепак, тие гласаа за него.

“Тоа не е МОЈА работа”, рече г-дин Сезнајковски, наставникот, кога оние кои ги организирале изборите отишле кај него за да го прашаат за совет. “Вие гласавте за него и сега тој е градоначалник на Здодевград” им забележал г-дин Сезнајковски. “Но тоа не е фер” рекле луѓето. “Дури го има искористено и остатокот од парите со кои требаше да изгради парк за возење ролери и си изгради ресторан за брза храна во неговата градина. Сега може да јаде колку што сака хамбургери и крофни по цел ден. А ние уште си седиме во паркот и се досадуваме, и нашите деца се досадуваат во паркот.” „Знам,” рече г-дин Сезнајковски, ги затвори очите и се фати за глава. “Знам, и затоа мора да направиме нешто…”

Во своите групи, учениците дискутираат како треба да продолжи приказната, со фокус на овие три прашања:

  • Што требаше да направат жителите на Здодевград уште на почетокот?
  • Што можат сега да направат? Сепак, сите гласаа за г-дин Сламковски.
  • Како може вакво нешто да се спречи во иднина?

Тие ги запишуваат своите одговори на хартија на flipchart-от и ги презентираат на пленарната дискусија.

Кога сите групи ќе ги испрезентираат своите идеи, наставникот ја менува дискусијата кон ситуацијата во нивниот клас и ги поставува следните прашања:

  • Како ќе се осигураме дека претседателот на класот ќе прави според договореното?
  • Какви механизми можеме да изнајдеме за да бидеме сигурни во тоа?
  • Кој би можел да го направи тоа?
  • Што ќе се случи ако откриеме дека нешто не е во ред?
  • Кој може да одлучи за промена на претседателот на класот?

Учениците дискутираат за тоа на пленарната сесија и даваат предлози. Гласаат за предлозите и изнаоѓаат заедничко решение. Договорот се запишува и сите го потпишуваат, вклучувајќи го и претседателот на класот и неговиот заменик.