Час 4: Зошто луѓето стануваат активни граѓани?

Living Democracy » Textbooks » Час 4: Зошто луѓето стануваат активни граѓани?

Зошто луѓето сакаат да го променат општеството и како тие можат да го направат тоа?

Цел на учењето Да се сфатат причините зошто луѓето прифаќаат одговорност за страдањето на другите луѓе. Да ја истражуваат улогата на невладините организации во граѓанското општество.
Задачи за учениците Учениците работат во групи за да состават заедно една приказна.
Учениците поставуваат хипотези за причините за
социјално-мотивираното однесување.
Учениците ја земаат предвид и улогата на
невладините организации.
Во групи, учениците ја истражуваат работата на
една НВО или организација која организира
социјални кампањи.
Во групи, учениците ги презентираат нивните
заклучоци.
Материјали Веќе исечени копии од парчињата за Јелена Шантиќ (материјал за учениците 6.4),.
Материјали за поддршка на истражувањето од страна на учениците.
Материјали за групните презентации, на пр. големи парчиња хартија, дрвени боици.
Метод Групна работа.
Преговарање.
Морално расудување.
Критичко оценување.
Истражување.
Групна презентација.

Концептуално учење

Социјално делување: Делување преземено од граѓаните или членовите на заедницата за да се совлада некој социјален проблем.

Граѓанин: Оној кој има легално членство (граѓанство) во една национална заедница. Граѓанството донесува права и должности, иако луѓето се разликуваат по степенот до кој тие чувствуваат одговорност за она што се случува во заедницата.

Активен граѓанин: Оној кој презема јавни акции како одговор на некаков социјален проблем или проблем во заедницата.

Невладина организација (НВО): Организација, создадена и поддржувана од граѓаните, за да се реши некаков социјален проблем. НВО-и се јавни, не тајни и работат во структурите на општеството за да донесат промена. Тие често ги адресираат прашањата во кои правата на луѓето не се соодветно заштитени и признати од владата. НВО-и можат да работат со владите или спротивно од нив. Демократските општества имаат закони кои им дозволуваат на НВО-и да постојат и да имаат законски права и заштита.

Граѓанско општество: Луѓето и организациите кои преземаат социјални дејства, надвор од работата која ја извршува владата, се вели дека се дел од граѓанското општество. Граѓанското општество формира дел од врската помеѓу индивидуалните граѓани и владите.

 

Часот

Наставникот го дели одделението во групи од околу четири ученици. Тој/таа, потоа, им разделува информации за Јелена Шантиќ (материјал за учениците 6.4.). Идеално би било, тие да се исечени на одделни парчиња хартија. Наставникот ја замолува групата да ги поделат ливчињата по случаен избор помеѓу членовите на групата. Секој член на групата зема по едно ливче и потоа им го чита на останатите членови од групата. Групата, потоа, ги реди ливчињата во редослед кој има најмногу смисла.

Потоа, наставникот ги замолува учениците да дискутираат за следните прашања како група и, доколку е можно, да дадат еден групен одговор. Наставникот нагласува дека членовите на групата можат да не се согласуваат, но споделувањето на идеи создава подобри одговори. Индивидуално, учениците би требало да ги запишат нивните одговори. Наставникот, потоа, дискутира за клучните прашања со одделението, предложени преку прашањата подолу.

Прашања

  • Што мислиш, кои беа главните причини поради кои Јелена Шантиќ се вклучи во Групата 484?
  • Од каде дознаваш за Јелена Шантиќ, кои зборови би ги употребил/а за да ја опишеш?
  • Зошто мислиш дека Јелена Шантиќ и Групата 484 не ја напуштија работата која сакаа да ја работат во владата?
  • Каков вид на потреби Групата 484 се обиде да исполни?
  • Каков вид на општество се надеваа дека ќе изградат Јелена Шантиќ и Групата 484?
  • Што мислиш, колку се важни невладините организации (како Групата 484) во општеството? Што мислиш, што можат тие да постигнат? Размисли за нивната улога во врска со работата на владите, како и во врска со исполнувањето на потребите (правата) на луѓето.
  • Размисли за твоето општество. За кои потреби си свесен дека би можеле да бидат помогнати од активните поединци или од невладините организации, со преземање на одговорност?

За да даде еден пример, наставникот, потоа го чита следниот извадок од еден меѓународен извештај од 2003, од една НВО во Босна и Херцеговина:

„Невладиниот сектор во Босна и Херцеговина продолжува да дава позитивен придонес при процесот на градење на демократија и граѓанско општество. (…) Моментно, постојат 7874 невладини организации во Босна и Херцеговина под стариот и новите закони за регистрација. (…)

НВО секторот покажа дека има капацитет да води големи јавни кампањи, кои се поборници за промена на виталните прашања за Босна и Херцеговина, вклучувајќи млади, родова еднаквост, животна средина, заштита на малцинските права итн. Голем број на НВО-и продолжуваат да нудат услуги во полето на здравствената заштита и социјалната помош, реконструкцијата, заштитата на човековите права, заштитата на животната средина и заштитата на малцинствата.“22

Наставникот дискутира за овој извадок со учениците. Прво, тие би требало да размислат дали споменатите области на работа во извештајот се применуваат и во нивната земја, исто така. Потоа, наставникот ги замолува да размислуваат за примери за видовите на проекти кои би можеле да припаѓаат под овие различни области на работа.

Прашања

Како завршна работа во оваа тема, секоја група би можела да земе по една од овие области и да подготви презентација за неа. По можност, ако има достапни помагала, животите на останатите активни граѓани во земјата би можеле да се истражуваат и би можеле да го формираат предметот на групната презентација. Учениците би можеле, исто така, да вклучат и меѓународно-познати личности, како што се Мајка Тереза и Нелсон Мендела.

22. Извор: Извештај на USAID, насловен како „2003 Индекс на одржливост на НВО-и, Европа и Евроазија, стр.42 и 43; www.usaid.gov/locations/europe_eurasia/dem_gov/ngoindex/2003/bosnia.pdf