ТЕМА 9: МЕДИУМИТЕ

Living Democracy » Textbooks » ТЕМА 9: МЕДИУМИТЕ

Учество во демократијата преку медиумите

Вовед за наставници

1. Ние учествуваме во демократијата преку медиумите

Учествувањето во општеството и политиката во основа е комуникација со другите – примање и давање на информации преку медиумите. Граѓаните кои не можат да комуницираат преку медиумите не можат да учествуваат во општеството или политиката.

Медиумите даваат различни начини на комуникација и ни овозможуваат информирање повеќе од кога било, но исто така контролираат како и за што комуницираме. Ние живееме во медиумска култура. Современата комуникација базирана и контролирана од медиумите претставува предизвик за секоја личност.

Од една страна, медиумите нудат фасцинантни можности за оние граѓани кои се образувале во медиумската писменост и кои можат да ги користат медиумите критички и намерно, справувајќи се со масата на информации од различен тип и квалитет.

Од друга страна, медиумите ги исклучуваат од учество сите оние кои не можат да ги купат, или немаат вештини да ги користат и да го оценуваат квалитетот на информациите.

2. Медиумска писменост – основна компетенција во ОДГ/ОЧП

Медиумската писменост е можеби главната основна компетенција во ОДГ/ОЧП. Образованието за човековите права директно е поврзано со медиумската писменост. Слободата на медиумите и правото на слободен пристап до информации зависат од способноста да се практикуваат овие права. Нееднаквите нивоа на медиумска писменост во општеството создаваат нова димензија на нееднакви можности и нови форми на вклучување и исклучување.

Оваа тема се обидува да им помогне на учениците да направат битен чекор во развивањето на медиумска писменост. Учениците го воочуваат нашето создавање на реалноста преку медиумите – како создавачи и примачи на медиумски пораки. И двете улоги на различни начини делуваат како цензори и создавачи на агенда, до степен во кој нашата слика за светот и политиката се основа на медиумските пораки кои го имаат нашето внимание, а предходно поминале два филтри – изборите на продуцентите и нашите избори како корисници на медиумите.

Темата се концентрира на еден битен аспект на медиумската писменост: сите пораки се создадени.Постои голем потенцијал за интердисциплинарно учење, на пример на јазик, за да се анализира специфичниот јазик кој го користат медиумите (видете ги материјалите за наставници 9А – Учење што да се бара, бр. 1 и 2).

3. Преглед на темата

Оваа тема се концентрира на прашањето како се одвива цензурирањето и создавањето на агенда во медиумите. Учениците ја усвојуваат перспективата на корисниците на медиуми како и продуцентите на медиуми со влегување во нивните улоги.

Лекција 1: Ние сме цензорите! Ние одлучуваме што сакаме да читаме.

Лекции 2 и 3: Ние сме цензорите! Ние одлучуваме кој избор на вести ќе им се понуди на читателите.

Лекција 4: Дали ние ги контролираме медиумите – или тие нас? Размислување

Во првата лекција, учениците стануваат свесни за нивните улоги како цензори за самите себе. Тие избираат меѓу два различни весници и бираат една група на информации а отфрлаат други. На овој начин, тие го практикуваат човековото право на слободен пристап и избор на информации.

Во втората и третата лекција, учениците се вклучуваат во клучната задача, мал проект во кој тие создаваат ѕиден весник. Учениците повторно се цензори, но овојпат од испраќачката страна наместо примачката страна. Тие ги практикуваат правата на слободен, нецензуриран печат.

Во четвртата лекција, учениците размислуваат за нивните избори и дискутираат за моќта на медиумите – како инструмент за комуникација и како инструмент за моќ. Исто така тие стануваат свесни за силниот конструктивистички елемент во нашата претстава за светот, елемент кој е обликуван од создавачите и примателите на информација.

4. Конструктивистичко учење и инструкција

Оваа тема дава време и слобода за конструктивистичко учење на учениците. Во овој контекст на медиумите, конструктивистичкото учење дирекно соодветствува со конструкцијата на медиумските пораки во медиумите. Една медиумска порака е создадена од некој друг, кој има специфичен интерес и стратешка намера во план („кажување или продавање“), а исто така и од корисникот.

Наставникот го претставува концептот за цензура, правење агенда, медиумска култура, слобода на медиумите и слободен пристап до информации преку инструкција,  поврзувајќи ги со контекстот на конструктивистичкото учење (видете го полето со клучни концепти подолу).

5. Изборот на медиум

Оваа тема се концентрира на класичниот печатен медиум, весникот, кој не е првиот избор за многу млади луѓе. Па, зошто тогаш учениците треба да читаат и создадат весник во рамките на темава?

  1. Првата причина е прагматичка. Проучувањето весници и создавањето едноставен ѕиден весник бара средства кои се достапни секаде и можат да се набават со мал буџет.
  2. Од дидактичка перспектива, едноставниот пример функционира подобро при обучување на учениците за медиумска писменост. Со рачното пишување текстови, сечење, залепување и цртање учениците се враќаат на корените на создавање медиуми. Но дури и со создавањето на едноставен ѕиден весник, основниот феномен на цензура од страна на уредниците е тука, а тука е и принципот на создавање на претстава за реалноста преку пораката.
    Секако, овие основни аспекти се присутни и во другите медиуми, радиото, телевизијата, фотографијата од сите категории, интернетот, СМС , итн. Но сите овие медиуми не само што бараат повеќе средства и повеќе труд за создавање, туку се и посложени за анализа или деконструкција.
  3. Пристапот базиран на весник го следи принципот на спиралната наставна програма во ова издание на ОДГ/ОЧП. Задачата која учениците ја прават соодветствува со таа во темата 7 од книга III, Живеење во демократија, за основно образование. Разликата меѓу овие теми е нивото на размислување за кое се способни учениците.

Клучни концепти

Цензура

Само мал дел од информациите кои секојдневно стигаат до уредниците на вести излегуваат во печат. Уредниците го филтрираат тоа што не може да се прикаже. Еден од критериумите  е дали одредената информација е вредна за споменување – дали е релевантна или доволно интересна? Друг критериум е едноставно, просторот кој е достапен. Третиот критериум определува каков баланс очекуваат читателите – меѓу информација и забава, политика, бизнис, спорт, вести за познатите итн.

Но исто така и читателот го филтрира тоа што го нудат весниците. Сите од искуство знаеме дека обично бираме неколку статии и стории и потоа го фрламе весникот откако сме прочитале 5-10% од тоа што го нуди.

Принципот на цензура важи и за другите масовни медиуми – телевизијата и радиото, интернетот и книгите.

Создавање агенда

Уредниците на вести силно влијаат на политичката агенда. Со изнесувањето на одредени проблеми или скандали пред јавноста, овие проблеми се дискутираат и често политичарите мораат да реагираат на некој начин. Овде читателите повторно мораат да ја одиграат својата улога – како ќе реагираат на проблемите кои се изнесени?

Медиумска култура

Ние живееме во медиумска култура (види материјали за наставници 9А). Во минатата декада, произлегоа формите на комуникација преку интернет и мобилни телефони, кои беа посебно атрактивни за младата популација. Исто така, процесот на глобализација додатно ја зголеми доминацијата на медиумите. Медиумските пораки преминаа од пораки базирани на текст во пораки базирани на слики, со голем ефект на комуникацијата и навиките на читање.

Слободен пристап до информации и слобода на печатот

Европска конвенција за човекови права, Член 10.1 (видете го материјалот за ученици 2.6)

„Секој има право на слобода на изразување. Ова право вклучува слобода да се има мислење, да се прима и дава информации и идеи без вмешување на јавната власт, без разлика на границите. …“

Видете ја исто така Универзалната декларација за човекови права, Член 19 (материјал за ученици 2.5).

Создавачите на медиуми и корисниците практикуваат основно човеково право. Цензурата на овие слободи ја прави разликата од диктатура до демократија. Овие слободи и технолошката револуција која ја видовме по измислувањето на компјутерот и интернетот ја родија медиумската култура во која живееме денес. Искуството е неодредено, и типично за процесите на модернизација: ако можеме да се справиме со потенцијалот, добиваме; ако не можеме да се справиме, губиме. Од оваа причина, медиумската писменост е клучна компетенција во ОДГ/ОЧП.

Развивање на компетенции: упатувања до другите теми во оваа книга

Што покажува оваа табела

Насловот на овој прирачник, Учество во демократијата се концентрира на компетенциите на активниот граѓанин во демократијата. Матрицата го покажува потенцијалот за дополнување помеѓу темите во овој прирачник. Матрицата покажува кои компетенции се развиваат во 9-тата тема (засенчениот ред во табелата). Колоната која е со задебелена рамка ги покажува компетенциите за донесување политички одлуки и делување – таа е задебелена поради блиските врски со учеството во демократија. Редовите подолу ги означуваат врските со други теми во овој прирачник: кои компетенции што ги поддржуваат учениците во 9-тата тема се развиваат во овие теми?

Како може да се користи оваа матрица

Наставниците може да ја користат оваа матрица како алатка за правење план за часовите по ОДГ/ОЧП на различни начини.

  • Оваа матрица им помага на наставниците кои имаат само неколку часа да ги посветат на ОДГ/ОЧП: Наставникот може да ја одбере само оваа тема и да ги изостави другите, бидејќи тој/таа знае дека некои од клучните компетенции до одреден степен се развиваат во оваа тема – на пример, сфаќање на важноста на медиумската писменост, практикување на основните слободи, и тензијата меѓу еднаквоста и слободата.
  • Матрицата ги потсетува наставниците на потенцијалот за дополнување кој помага за учениците постојано да се обучуваат, во битни области и различни контексти кои се поврзани на многу начини.
Теми Димензии на развојот на компетенции Ставови и вредности
Политичка анализа и расудување Методи и вештини Учество во демократија
Донесување политички одлуки и делување
9 Медиумите Ние учествуваме во демократијата со комуникацијата преку медиумите.
Продуцентите и корисниците на медиуми имаат улога на цензори.
Конструирање и деконструирање на медиумски пораки Користење на медиумите како средство за пренесување на нашите погледи и интереси Свесност за нашата зависност од „пренесената“ перцепција на реалноста, посебно во политиката
7 Еднаквост Еднаквите можности за учество зависат од медиумската писменост Свесност дека информацијата е извор на моќ
8 Слобода Слобода на медиумите и слободен пристап до информации Цензура и правење агенда: практикување на човековите права Свесност дека информацијата е средство за контрола на моќта и власта.
3 Разноликост и плурализам Плурализмот на мислења и интереси е пресликан во медиумите
6 Влада и политика Правење на агенда

ТЕМА 9: Медиумите – Учество во демократијата преку медиумите

Продуцентите и корисниците на медиуми како цензори и создавачи на агенда

Тема на лекција Стручно оспособување/цели на учење Задачи на ученикот Материјали и извори Метод

Лекција 1

Ние сме цензорите!
Ние одлучуваме што сакаме да читаме

Како цензори самите за себе, учениците стануваат свесни за нивното претпочитање на одредени медиуми и пораки. Учениците размислуваат за нивните претпочитања на одреден весник. Насловни страни од два различни весника, издадени на ист ден.
Материјал за ученици 9.1-9.3, табли, маркери, ножици и лепило.
Колекција на печатени изданија.
Пленарни презентации и дискусија.
Предавање.
Работа во групи.

Лекција 2 и 3

Ние сме цензорите!
Ние одлучуваме кој избор на вести ќе им се понуди на читателите

Соработка во тим; одлучување, согласување за цели и согласување за распоред.
Тимско раководење и надгледување.
Уредниците на медиумите ги создаваат вестите кои ја обликуваат нашата перцепција за реалноста.
Учениците создаваат нивен ѕиден весник.
Тие ги споредуваат нивните весници и изборите кои ги направиле.
Материјал за ученици 9.2 и 9.3.
Табли, маркери, ножици и лепило.
Печатени медиуми од сите видови и категории.
Работа на проект.

Лекција 4

Дали ние ги контролираме медиумите – или тие нас?

Размислување

Размислување за изборите и нивниот ефект.
Медиумите  се моќен инструмент за комуникација и контрола.
Учениците ги споредуваат и размислуваат за нивните избори и одлуки. Изложба на ѕидни весници.
Материјал за наставници 9А
Извештаи, пленарна дискусија.
Предавање.