Глава 4 – Поглед кон другите

Living Democracy » Textbooks » Глава 4 – Поглед кон другите

V6_P35&95

Вовед

Сликата ни прикажува едно девојче кое гледа момче преку лупа. Сликата која ја создава лупата е слична но не идентична со момчето во реалноста. Момчето не знае како изгледа сликата од него. Можеби е погрешна или вистинита, дури подетално покажувајќи го момчето отколку што тоа мисли или би сакало да покаже. Тие и двајцата се насмеани, така што разликата меѓу перцепцијата и реалноста изгледа дека не претставува проблем. Девојчето се смее на сликата, не на самото момче.

Сите ние ги насочуваме нашите „лупи“ кон другите луѓе и ги зачувуваме нивните слики во нашиот мозок. Им судиме на луѓето според овие ментални слики. Тие се суровиот материјал од кој ги создаваме стереотипите. Сите ние се служиме со такви поедноставувања на комплексниот свет кој никој од нас не може да го разбере целосно. Ако стереотипите се претворат во предрасуди, посебно негативни, тие можат да создадат нарушувања и непријателство во општеството.

Вежбите во оваа глава им помагаат на учениците да станат свесни за нивните перцепции и предрасуди кон другите, да размислуваат критички кон нив и да ги исправат ако е потребно. Затоа оваа глава се концентрира на социјалната димензија, на демократијата и човековите права. Нашите заеднички перцепции, предрасуди и начините на меѓусебна интеракција ја даваат основата врз која демократијата и човековите права треба да се засноваат. Не е доволно само да се постават демократијата и човековите права како принципи на власта и уставот; нивните социјални и културолошки корени се подеднакво важни.

Општо земено, учениците треба да ја разберат функцијата на стереотипите во намалувањето на комплексноста на нашите општества и светот во кој живееме. Тие, исто така, треба да разберат дека стереотипите можат да бидат опасни, сеејќи го семето на непријателство во општеството. Ова може да се случи посебно кога среќаваме луѓе кои се странци и ни предизвикуваат чувство на страв. Образованието им помага на луѓето да ги идентификуваат предрасудите и погрешните стереотипи и да ги исправат.

Постарите ученици, исто така, можат да разберат дека нашите перцепции и предрасуди придонесуваат за култура која или ги поддржува демократијата и човековите права или ги потценува. Буквално, демократијата почнува од мене и од тебе.