Лекција 4: Дали ние ги контролираме медиумите – или тие нас?

Living Democracy » Textbooks » Лекција 4: Дали ние ги контролираме медиумите – или тие нас?

Медиумите – алатка за комуникација и моќ

Оваа матрица ја сумира информацијата која наставникот треба да ја испланира и предаде на часот.

Стручното оспособување директно се однесува на ОДГ/ОЧП.

Крајната цел на учење покажува што учениците знаат и разбираат.

Задачата на учениците, заедно со методот го формираат главниот елемент на процесот на учење.

Списокот на материјали е во корист на подготовката за час.

Временскиот буџет на наставникот му дава груба ориентација за организацијата на време.

Стручно оспособување Размислување за изборите и нивниот ефект.
Крајна цел на учењето Медиумите се моќна алатка за комуникација и контрола.
Задачи на учениците Учениците ги споредуваат и размислуваат за нивните одлуки и избори.
Материјали и извори Изложба на ѕидни весници.
Материјали за наставници 9А.
Метод Пленарна дискусија, извештаи.
Предавање.
Временски буџет 1. Учениците ги споредуваат нивните избори и одлуки – 15 мин.
2. Учениците размислуваат за нивната конструкција на пораките – 10 мин.
3. Предавање на наставникот: правење агенда, цензура – 5 мин.
4. Предавање на наставникот: правење агенда, цензура – 5 мин.

 

Информационо поле

Учениците размислуваат за нивното искуство во проектот. Тие не ги читаат весниците поради информацијата, туку се концентрираат на одлуките поврзани со бирањето на теми и слики – ја истражуваат улогата на медиумите како цензори и создавачи на агенда.

Новинарите ги презентираат основните информации за дискусиите во тимовите, а учениците го споредуваат и размислуваат за нивното искуство.

Наставникот ги додава концептите – медиумите како цензори и  создавачи на агенда – со кратко предавање. Ова е пример како конструктивистичкото учење се збогатува со систематска инструкција. Искуството на учениците го создава контекстот преку кој упатувањата на наставникот создаваат нова перспектива и им овозможува на учениците да го разберат искуството на понапредно, апстрактно ниво на размислување.

Возможни се различни начини на продолжување на проектот и примена на неговите идеи. За ова може да се дискутира на крајот на часот.

Опис на лекцијата

Се очекува учениците меѓусебно да ги прочитале весниците пред овој час.

Фаза 1: Учениците ги објаснуваат и споредуваат нивните избори

Еден по еден, секој презентер известува за одлуките кои неговиот тим ги направил и ги објаснува причините за нив. Водени од белешките за информирање (материјал за ученици 9.3) презентерите треба да ги обработат следните точки:

  • избор на главни вести;
  • кои теми ги одбрал тимот, и зошто некои теми биле вклучени или исклучени;
  • избор на фотографии;
  • други точки и проблеми од важност.

Презентациите се фокусираат на одлуките за цензурата и правењето агенда, а не на содржината на самите весници. Тие го даваат материјалот на кој наставникот ќе се концентрира во неговото кратко предавање, истакнувајќи го заедничкото искуство на тимовите преку додавање на некои клучни концепти од медиумската писменост. На овој начин конструктивистичкото учење го создава контекстот за концептуално знаење преку систематско и кратко предавање.

Фаза 2: Учениците размислуваат за нивната конструкција на пораки

Наставникот им вели на учениците да ги споредат причините за одлуките на нивните тимови.

  • Дали можеме да идентификуваме некој доминантен критериум, пр. релевантност?
  • До кој степен ги земавме предвид аспектите за конкуренција – пр. со користењето на атрактивни приказни?

Извештаите на презентерите и споредбата на избори можат да создадат критичарска дискусија. Учениците можеби ќе го проблематизираат силното влијание на медиумите на информациите кои ги примаме, или тие за кои никогаш не слушаме. Наставникот ја води дискусијата. Бидејќи тој/таа за кратко време ќе држи предавање, нема потреба да коментира за исказите на учениците.

Фаза 3: Предавање на наставникот

Чекор 3.1 Основното предавање

Материјали за наставници 9А

Како што е претставено погоре, наставникот ги поврзува точките од ова кратко предавање со контекстот на искуството и прашањата кои ги создадоа учениците. За ова е потребен е елемент на флексибилност при презентирањето на следните клучни искази:

  1. Сите медиумски пораки се создадени. Еден основен аспект на креирањето на порака е бирањето на мал дел информации кои се претвораат во приказни и изоставаат многу други информации. Учениците го истражуваа овој аспект кога тие правеа весници.
  2. Со бирањето и изоставањето информации, уредниците и продуцентите се цензори и создавачи на агенда. Тие силно влијаат на јавното мислење, политичкото одлучување и нашето учество во демократијата. Дали ова влијание ќе се претвори во контрола зависи од тоа дали ја практикуваме нашата улога на цензори или не.

Овие две точки се блиску поврзани со искуството на учениците во овој мал проект. Наставникот тука може да го заврши предавањето бидејќи точките создаваат доволен мотив за размислвуање, или може да додаде уште точки, во зависност од интересот и прашањата од учениците. Во овој случај, временската рамка можеби ќе треба да се продолжи.

Чекор 3.2 Продолженија на предавањето
  1. Од една страна, како комерцијални организации медиумите се натпреваруваат едни со други за да привлечат повеќе внимание. Продуцентите се грижат да ги задоволат интересите и очекувањата на публиката. Нивниот комерцијален успех зависи од изборите на корисниците.
  2. Ние зависиме од медиумите за нашата перцепција на светот. Во овој час, учениците се концентрираа на класичен медиум – весникот. Но, излегоа нови видови на медиуми и ги користиме за различни намени. Сè уште ги имаме класичните масовни медиуми – списанија, весници, телевизија и радио – кои главно ги користиме за информирање и забава. Потоа ги имаме медиумите базирани на интернетот (веб-страни, е-пошта, блогови, фејсбук, твитер), а исто така и СМС. Нив ги користиме за различни намени, но главно за комуникација едни со други,а тоа најдобро го знаат учениците, бидејќи младите генерации се позапознаени со нив отколку нивните родители и повеќето од наставниците.
  3. Денес ние живееме во медиумска култура. Општеството е мрежа за интеракција на членовите. Социјалната интеракција воглавно е комуникација. Комуникацијата а овозможена, канализирана и обликувана од медиумите, а медиумските пораки не само што ја пренесуваат, туку и ја нарушуваат реалноста.

Фаза 4: Последователна дискусија и заклучок на темата

Учениците сега имаат можност да реагираат на предавањето на наставникот.

Тие можеби ќе имаат прашања за разбирањето, или можеби ќе ја проблематизираат моќта на медиумите како цензори и создавачи на агенда.

Наставникот конечно го поставува прашањето дали и како да се продолжи проектот, на пример со давање еден од следните предлози:

  • Ѕидните весници можат да се изложат во училиштето.
  • Учениците можат да поканат професионален новинар да го посети часот. Тие можат да му ги покажат весниците, да побараат повратна информација и да дискутираат за проблемот со цензурата.
  • Тимот на уредници може да продолжи со проектот и да прави училишен (ѕиден) весник.
  • Учениците можа да прават извештај за медиумот кој најсилно го формира јавното мислење.
  • Учениците можат да се држат до проблем кој го обработиле и да преземат дејство. Возможни се поврзувања и со други теми од овој прирачник.