ЧАС 3: Вие го правите законот

Living Democracy » Textbooks » ЧАС 3: Вие го правите законот

Како се справувате со младите прекршители?

Цел на учењето Да се испита прашањето дали младите луѓе, кои го прекршиле законот, треба воопшто да бидат казнети, и ако треба, како?
Задачи за учениците Да се размисли за различните фактори, кои идат предвид кога се одлучува што е праведна казна за едно злосторство.
Материјали Копија од приказната и дополнителни информации за наставникот.
Метод Мала групна работа и одделенска дискусија.

Концептуално учење: три основни принципи за целта на казната

Додека часот 2 се фокусира врз граѓанското право, овој час ќе се осврне врз кривичното право, фокусирајќи се на прашањето дали треба, или не треба, казнување на младите прекршители, и ако треба како да се казнат.Основното прашање во теоријата на казнувањето е: „зошто казнување?“. Ова прашање е одговорено на различни начини низ историјата и се променува во научните и филозофските размислувања.

Појавени се три принципи во однос на целта на казнувањето:

  1. Заслужена казна. Казната е поврзана со вина и одговорност. Криминалецот заслужува да биде казнет, а општеството го изразува своето несогласување со злосторството. Овој концепт, исто така, обезбедува стандард на пропорционалност, со тоа заштитувајќи го криминалецот од престрога казна. Целта е да се воспостави правда.
  2. Заплашување. Казната испраќа порака до потенцијалните криминалци во општеството, обесхрабрувајќи ги од свртување кон криминал, бидејќи „болката“ на казната е потешка од користа. Целта е превенција на криминалот од страна на другите.
  3. Рехабилитација. Криминалот е согледан како крик за помош. Криминалецот има потреба од третман, а не казнување и целта е да му се помогне да не извршува други злосторства во иднина, преку интеграција во општеството.

Казнените системи во светот значајно се разликуваат во начинот на кој ги балансираат овие три принципи, како за возрасните, така и за младите прекршители. Општо кажано, многу земји им дале предност на рехабилитацијата отколку на заслужената казна и заплашувањето. Но, не сите земји се придвижуваат во оваа насока. Блиску поврзано со прашањето на рехабилитација е прашањето каде да се подвлече линија помеѓу млади и возрасни прекршители. Советот на Европа повика возрасната граница да биде фиксирана на 18, и се упати на Конвенцијата за детските права, од 1989 година, за да го оправда тоа (видете дополнителни информации за наставници).

Овој час обезбедува вовед кон трите клучни концепти за казнување, опишани погоре. Уште еднаш, применет е индуктивен приод. Учениците се справуваат со учење на случај за млад прекршител и ги откриваат различните принципи на казнување, нивните импликации и потребата за баланс. Наставникот може да ги опише концептите во кратко предавање во текот или по дискусијата на час.

Овој час може да отвори врата до понатамошни проекти кои би барале приближно две понатамошни лекции. Учениците можат да користат концепти кои ги научиле на овој час за да ја опишат рамнотежата која е погодена од казненото законодавство за млади прекршители во нивните земји.

 

Часот

Наставникот го почнува часот со делење на учениците во групи од 4-6. Наставникот објаснува дека владеењето на правото го вклучува принципот кој проценува дали да се биде законски обврзан кога се наметнува казна на криминалец или прекршител. На овој час, учениците ќе погледнат на начинот какви закони треба да бидат дизајнирани кога се работи со млади прекршители. Тие ќе слушнат приказна за злосторство и секоја група треба да замисли дека е член на парламентот кој треба да донесе закон кој ја опишува казната која криминалецот треба да ја добие.

Наставникот ја кажува приказната на учениците и им дава можност да одлучат, како групи, што мислат дека би била праведна казна за Том. Групите презентираат свои идеи пред целото одделение.

Тогаш, наставникот им дава на групите некои дополнителни информации. По секоја нова информација, на групите им е дадена можноста да се премислат за казната која претходно ја замислиле.

На крајот на активноста, наставникот бара секоја група да ги презентира своите идеи пред одделението:

  • Која казна мислите дека Y требаше да ја добие? Зошто?
  • Дали некоја од дополнителните информации ве премисли во врска со оригиналната одлука? Ако да, како?

Наставникот, потоа, ги доведува сите ученици заедно на пленарна сесија и прашува:

  • Кои видови на фактори, законот треба да ги земат предвид при одлучување за казнување, што треба да му се даде на некој осуден за престап?
  • Дали мислите дека законот треба да ги третира младите луѓе поинаку од возрасните? Зошто и зошто не?

Како конечна вежба или домашна задача, наставникот ги прашува учениците да размислат за случај за кој слушнале – на телевизија, во весници или некој кој се случил локално – каде млада личност, која го прекршила законот, добила казна која тие сметаат дека е:

а) премногу строга или
б) премногу попустлива.

Учениците треба да напишат кратко дело за нивниот избран пример и да го покажат на своите другарчиња на следниот час, подвлекувајќи ги факторите во случајот кои довеле до нивното мислење. Еден пример би бил случај кој вклучува некој кој има сообраќајна незгода под дејство на алкохол.

Вие го правите законот

“Леонард и Том имаа 15 години и одеа во истото училиште. Тие се познаваа еден со друг многу години, но никогаш не се дружеа.

Еден ден, мобилниот на Том исчезна и тој го обвини Леонард дека му го украл. Леонард рекол дека тој не го украл и рекол дека Том е љубоморен затоа што тој имал многу пријатели, а Том немал ниту еден.

По часовите тој ден имало тепачка. Том извадил нож иако Леонард бил невооружен. Во тепачката, Том го расекол лицето на Леонард толку лошо што му оставил лузна до крајот на животот.”

Задача

Што мислите која би била праведна казна за Том? Дискутирајте го прашањето во вашата група и потоа запишете каква казна законот треба да предвиди за ваков вид прекршок.

Дополнителни информации

  1. Том израснал во многу строго семејство и постојано бил тепан од неговиот татко.
    Дали ова влијае на вашиот став за казната на Том? Ако влијае, како? Изменете го вашиот првичен  закон, ако е потребно.
  2. Том бил изолиран во своето одделение и немал никого кој би ги слушал неговите проблеми.
    Дали ова влијае на вашиот став за казната на Том? Ако влијае, како? Изменете го вашиот првичен закон, ако е потребно.
  3. Леонард навистина го украл мобилниот на Том и всушност тој ја започнал тепачката, затоа што Том ја пријавил кражбата на мобилниот во полиција.
    Дали ова влијае на вашиот став за казната на Том? Ако влијае, како? Изменете го вашиот првичен закон, ако е потребно.
  4. Леонард бил лидер на банда, која со месеци се однесувала насилно кон Том. Бандата го претепала Том повеќе пати, удирајќи го со стапови, синџири и метална шипка. Том добил кошмари поради тоа и бил дури уплашен да оди на училиште.
    Дали ова влијае на вашиот став за казната на Том? Ако влијае, како? Изменете го вашиот првичен закон, ако е потребно.
  5. Таткото го измачувал Том со постојано кажување дека бил премногу мек и дека треба да му се спротивстави на насилниците како што е Леонард.
    Дали ова влијае на вашиот поглед за казната на Том? Ако влијае, како? Изменете го вашиот првичен закон, ако е потребно.
  6. Том само го извадил ножот за да ги заплаши насилниците. Никогаш не помислил да го искористи. Дваесет други млади лица стоеле околу во моментот, сите охрабрувајќи ги момците да се степаат.
    Дали ова влијае на вашиот став за казната на Том? Ако влијае, како? Изменете го вашиот првичен закон, ако е потребно.
  7. Еден наставник го видел Том како го носи ножот два дена пред тепачката, но не го прашал за него.
    Дали ова влијае на вашиот став за казната на Том? Ако влијае, како? Изменете го вашиот првичен закон, ако е потребно.

Учениците назначуваат презентер за својата група, кој потоа ги презентира нивните првични закони пред одделението. Може да се очекува дека сите ќе бидат свесни за дилемите, вклучувајќи конфликтни цели и принципи на правда како следните:

  • Како да покажеме дека општеството не одобрува такво однесување?
  • Како да бидеме сигурни дека училиштето е место каде насилството е забрането?
  • Колку сурово треба да казниме некого како Том за да ги обесхрабриме другите, како бандата на Леонард, да не користи ножеви?
  • Однесувањето на Том е повик за помош и тој не можел да го одбере семејството во кое пораснал .Како да му помогнеме на Том со што тој би се  чувствувал посреќно и не би имал потреба да се тепа со нож во иднина?

Наставникот може да ја сумира дискусијата поврзувајќи ги овие прашања со трите принципи на заслужена казна, заплашување и рехабилитација. Покажувајќи на Конвенцијата за детските права, наставникот може да предложи дека приоритет му се дава на рехабилитацијата.

Ако дозволува времето и ако учениците се заинтересирани, ова прашање може да се носи понатаму. Ако не се согласат за прашањето како да се балансираат различните принципи за казнување, оваа дебата треба да биде продолжена. Ако тие се согласат за принципот на рехабилитација, тие можат да проучат како законот во нивната земја ги зема во предвид трите принципи на заслужена казна, заплашување и рехабилитација.