Наставна единица 2 (Основно училиште, 2. одделение) – ИМИЊАТА НЕ СЕ САМО БУКВИ!

Living Democracy » Textbooks » Наставна единица 2 (Основно училиште, 2. одделение) – ИМИЊАТА НЕ СЕ САМО БУКВИ!

A Грубо планирање

Клучно прашање/тема

Клучна активност

Потребни материјали

Активност 1

Сите наши имиња

Сите деца дознаваат нешто за имињата на другите.

Листови хартија А4

Активност 2

Како го добив моето име?

Одделението размислува за причините за добивањето на името.

Подготвени клучни реченици на ленти од хартија; копирани работни листови

Активност 3 и 4

Сите деца имаат приказна за раскажување!

Децата разменуваат информации за своите биографии. Прават цртеж од себе во реална големина.

Информација од семејството (домашна задача); еден лист флип-чарт хартија за секое дете; маркери и боици.

Б Основа и образовни цели

Член 7 од Конвенцијата за детските права го заштитува правото на детето да има име. Второто, т.е., презимето е израз на припадност на детето кон неговото семејство како најтесно поврзана група. Комбинацијата на двете имиња пред сѐ првото име е она што го прави детето индивидуа, едно посебно суштество на овој свет.

V5_P10

Учениците треба да се гордеат со своите имиња и треба да знаат да објаснат какво значење има нивното име, каква надеж отсликува и зошто родителите го одбрале токму тоа име.

При реализација на оваа тема наставникот мора да биде многу обѕирен и внимателен со учениците. Можно е некои ученици во одделението да не живеат со своите биолошки родители; некои од нив можеби ги изгубиле своите имиња поради присилна миграција или слично. Наставникот треба да покаже големо разбирање и сензибилност во пристапот кон овие деца.

Наставната единица „Имињата не се само букви“ содржински се надоврзува на првата наставна единица „Јас имам само едно име – ние имаме едно училиште“. Онаму каде што учениците се сеќаваат треба да се воспостават врски. Инаку може втората наставна единица и самостојно да се изработи.

В Клучни прашања за рефлексија на втората наставна единица

Доживување на детските права

Запознавање на детските права

Спроведување на детските права

Наставник

На кој начин се водеше сметка за принципите на детските права во одделението и училишната заедница?

Што сега учениците знаат за детските права?

Оспособување како да се преземаат иницијативи надвор од училиштето: Што научија учениците за нивната иднина?

Училиштето е дел од нашиот живот; одделението е микро општество за себе.
Со тоа што децата ги познаваат имињата на сите други деца и самите бидат повикани по нивните имиња, стануваат свесни за нивниот идентитет. Десно споменатите членови на детските права преку оваа наставна единица се учат во училница.

Членови 7, 8, 12, 13 (види Конвенција за правата на децата во додатокот)

Децата можат да одлучат каде да се обеси нивниот постер. Можеби треба да се обезбеди простор во ходникот или во влезниот хол, така да ова мора да се дискутира со други наставници или директорот на училиштето.

Ученици

Како ги доживеав детските права во одделението?

Што научив за детските права?

Каква иницијатива сум способен да превземам сега?

Видов дека сите други деца и наставникот ми посветија внимание. Сите ме ислушаа и сега секој го знае моето име. Моето име ме прави да се разликувам од другите.

Ги знам имињата на сите други деца во одделението и значењето на тие имиња. Знам и нешто за нивните животи.

Како деца имаме посебни права:

Имаме име кое никој не може да ни го одземе (член 7) од Конвенцијата. Иако сме деца веќе имаме наша животна приказна, живот поинаков од оној на другите.

Ова секогаш ќе биде дел од мене (член 8). Имам свое сопствено мислење и можам да го искажам; а и другите деца исто така (членови 12 и 13).

Ако сретнам некој на игралиште или на некое друго место, ќе се обидам да му го дознаам името и ќе му го кажам моето.

Г Микро планирање

Активност 1: Сите наши имиња!

Наставникот седи со учениците на столчиња во круг. Учениците во рацете држат картички или ленти од хартија на кои со големи и добро читливи букви се напишани нивните имиња. Исто така и наставникот има картичка или лента од хартија со неговото име и презиме. Сите по ред ги кажуваат своите имиња. Другите ученици мора да внимаваат да ги запомнат имињата, ако веќе не ги знаат.Ова може да се реализира преку различни игри, од кои некои поради нивниот карактер на загатка се посебно погодини ако децата веќе добро си ги знаат нивните имиња:

  • Децата си го кажуваат своето име и имињата на другарчињата што седат од нивната десна или лева страна. „ Јас се викам …, а тој што седи до мене од лево е …, и …, тој што седи до мене од десно е …“
  • Да се најдат обележја кои за различни деца се исти на пр. боја на пантолони или сукња, иницијали, очила, боја на коса итн. и да се направи загатка од тоа: „X, Y и Z имаат нешто заедничко. Можете ли да ми кажете што е тоа?“ Повеќе пати да се повтори.
  • Сите картички со имињата да се соберат. Секое дете влечи по ред една картичка без да го прочита на глас името. Потоа сите ги покажуваат картичките со имињата. Кој може да воспостави ред на ова безредие и да определи кое име на кое дете му припаѓа?
  • Варијации: Се собираат сите картички со имињата. Секое дете влечи по ред една картичка без да го прочита на глас името. Децата го опишуваат „нивното“ дете чија картичка ја поседуваат без да го кажат името („моето дете има црвена коса и е прилично големо“ итн.). Другите се обидуваат да погодат за кого се работи.
  • Качување во автобус: било кое дете ја започнува играта велејќи: „Јас сум Ана, јас се качувам во автобусот“. Следното дете продолжува: „Јас сум Сандра и се качувам во автобусот со Ана“. Детето до Сандра продолжува на ист начин и ги вклучува веќе споменатите деца: „Јас сум Том и се качувам со Ана и Сандра во автобус“. Ако децата сѐ уште не се познаваат, треба да следи редоследот како што седат децата во круг. Така за децата ќе биде полесно да си ги запознаат имињата. Оваа активност да продолжи сѐ додека не седат сите деца во автобусот. Треба да се внимава децата меѓусебно да си помагаат и да не се усрами некое дете ако на пр. заборавило некое име.

Следи класен разговор за прашања и импулси од видот на:

  • Си го сакам ли моето име? Ако да, зошто?
  • Понекогаш се менуваат имињата или се кратат на прекари. Дали и јас имам прекар, си го сакам или не? Зошто?
  • Прекари во нашето семејство или познанство; што значат и од каде доаѓаат.
  • Замислете си: Едно училиште или еден свет во кој сите би имале едно име или би немале никакво име? – Што би значело тоа?

Остаток од лекцијата, доколку има уште време:

  • Изразот „Јас се викам…“ да се обработи на различни јазици во класот; задача секое дете да го научи на два јазика. (Надоградување: дополнително прашањето: „А како се викаш ти?“)
  • Изработување на на посебно убаво украсена лична картица со името.

Активност 2 : Како го добив моето име!

Наставникот има подготвено ленти од хартија на кои се запишани следниве реченици: (се разбира дека се можни варијации – некои реченици можат да се испуштат, променат или да се дополнат итн.)

Важно е да се има име.
Моето име – тоа сум јас.
Врз основа на нашето име се препознаваме меѓусебно а и самите себе си.
Нашето име искажува нешто за нас. (се мисли на полот, односно регионот на потекло).
Со своето име и презиме детето станува дел од една држава.
Со бирање на одредено име, родителите често изразуваат некои желби, надежи и чувства.

Наставникот му ги чита на одделението речениците од лентите хартија. Потоа ги става лентите на страна и ги замолува учениците да го објаснат нивното значење со сопствени зборови и да го дискутираат (одделенски разговор). Од предност е да се подели на две до три порции, односно два до три круга.

На крај наставникот го дели и објаснува работниот лист кој учениците треба да го пополнат за домашна задача (види материјал долу). За да биде сигурен дека учениците го разбрале ги поминува прашањата со децата, имено:

  • Кога сум роден/а?
  • Во колку часот?
  • Во кој ден од седмицата?
  • Каде сум роден/а?
  • Кој беше присутен кога се родив?
  • Колку долг и тежок бев кога се родив?
  • Зошто моите родители го избраеле за мене името кое денес го носам?
  • Што значи моето име?
  • Каде се среќава ова име и што значи тоа име на др. јазици?

Активности 3 и 4: Сите деца имаат приказна за раскажување!

Учениците седат во круг, пред себе го имаат пополнетиот работен лист, кој го пополнале како домашна работа и раскажуваат за тоа што разговарале со своите родители. Наставникот ги охрабрува учениците некои прашања да ги продлабочат.

Наставникот подготвува на ѕидната табла или на графоскопот листа во која ги запишува денот, времето, часот на раѓање. Можеби ќе се добие интересна шема. Помошни средства за да се најдат деновите во седмицата „Вечниот календар“ (да се најде на интернет).

Се разбира, би било поинтересно доколку децата можат да одговорат и на последното прашање – Зошто нивните родители го одбрале токму тоа име и што значи тоа име. За појаснување на значењето на христијанското име може наставникот да донесе евентуално и лексикон на имиња или да го пронајде значењето на името на интернет. Ова делумно функционира и за нехристијанските имиња.

Потоа сите деца добиваат задача индивидуално да изработат постер кој ќе ги содржи сите информации за нив и на него во писмена форма да се запишат сите информации за себе. Наставникот можеби ќе треба да им помогне на некои од децата во изработката на постерот, бидејќи некои ученици не се доволно оспособени за пишување.

Алтернативно решение: учениците можат да нацртаат слика за себе во нормална реална големина. Ова може да се направи на следниов начин: детето легнува на хартија залепени А2 листови или ролна која е поставена на подот, барајќи поза, на пример, трчање или стоење со испружени раце. Друго дете ги црта контурите. Фигурата се сечи и се обојува со водени боици. Евентуално може да се доцртаат говорни облачиња на кои на пр. е напишано на мајчиниот јазик на детето „Јас се викам…“ и/или се додава лист на контурите на кој се запишуваат најважните податоци за соодветното дете.

На крај се презентираат плакатите или контурите и се договара каде и како ќе се изложат постерите во училишната зграда или училницата. Наставникот ги поддржува учениците/ученичките во донесувањето на одлуката.

Материјали: работен лист за учениците

Моето име има сопствена историја – Што сакам да дознаам?

Кога сум роден/а?

Во колку часот сум роден/а?

Во кој ден од седмицата сум роден/а?

Какво било времето тој ден?

Каде сум роден/а?

Кој друг бил присутен во моментот на раѓањето?

Колку сум бил/а долг/а и тежок/шка?

Зошто токму ова име ми било дадено?

Што значи моето име?

Каде се среќава тоа име и што значи на други јазици?