Материјал за учениците 9.1: Кралството Сикал

Living Democracy » Textbooks » Материјал за учениците 9.1: Кралството Сикал

Сикал е држава сместена високо во планините. Со векови имала малку контакт со остатокот од светот.

Иако Сикал е само малечко кралство, во последно време привлекло многу внимание. Тоа е, главно, поради необичниот начин на кој е организирано општеството.

Да се започне со тоа дека ниту еден Сикалец никогаш не е гладен. Сикалските луѓе ја произведуваат целата сопствена храна и ја делат со сите оние кои имаат потреба од неа. За секое семејство се обезбедува куќа без никаков надомест. Големината на куќата зависи од бројот на членовите во семејството. Енергијата за греење и готвење е обезбедена и бесплатна, како што се и услугите за одржување. Ако некој некогаш се разболи, секогаш е достапен доктор. На секој му се дава бесплатен медицински преглед на секои шест месеци, а негувателките секогаш прават редовни посети кај постарите луѓе, семејствата со мали деца и секој друг кој има потреба од дополнително внимание.

Во Сикал, добрите работи во животот им се достапни на сите. На секое семејство е доделена книга со ваучери кои ги разменуваат секоја година за различни луксузни предмети како, парфеми, мебел или зачини. Ваучерите можат да бидат тргувани на чесен начин или чувани одреден период на време за нешто посебно.

Како луѓето на Сикал биле способни да ги организираат сите вакви нешта? Уште одамна, од памтивек, со Сикал владеело кралско семејство. Моментниот владетел е кралот Сик III. Тој одлучува за бројот на потребните работници за секоја работа, како одгледување на храна, градење на куќи или медицинска заштита. Луѓето кои ги прават овие работи се одбрани на пет- годишна возраст и се испратени во специјални училишта на обука. Фармерите се испраќаат во земјоделски училишта, градежниците во технички училишта, здравствените работници во медицински училишта, итн. Секој друг способен за работа е вработен од кралот Сик во една од неговите кралски палати.

Најневеројатната работа за Сикал е дека таму не постојат пари. Никој не треба да биде платен, бидејќи секој има сé што му е потребно!

Вие можете да се запрашате дали некој во Сикал некогаш се жали на ова уредување. Всушност, тоа ретко се случува. Малкумина кои се жалат, се згрижувани во ментални болници. Најпосле, вие би требало да сте луди да се жалите од животот во општество како ова, зарем не?