Глава 5 – Спроведување на правдата на дело

Living Democracy » Textbooks » Глава 5 – Спроведување на правдата на дело

V6_P47&96

Вовед

Сликата прикажува момче и девојче на нишалка. Потпората која ја држи нишалката не е на средината, па затоа девојчето има подолг лост а момчето пократок. Со тоа девојчето доминира во играта и изгледа дека ужива во тоа. Момчето, кое има несреќен израз на лицето, се обидува да се спушти, но се труди попусто. Ваквите ситуации често водат до караница и конфликт. Потпората во средина го носи симболот на параграф кој упатува на законот.

Сликата може да се протолкува на различни начини и создава интересни прашања. Можностите на момчето и девојчето се нееднакви, а ова се однесува на проблемот со половата нееднаквост. Изненадувачки, девојчето е тоа кое го има „подолгиот крај“ на стапчето. Можеби девојчето мами, што значи дека го прекршила законот, или пак ужива во предноста дадена од законот како компензација за дискриминацијата на жените во минатото. Тогаш дали е ова фер игра? Дали еднаквоста секогаш е праведна? Чии човекови права се штитат со законот? Дали нечии човекови права се прекршени – и од кого?

Симболот отвора понатамошна перспектива. Кој ги направил правилата на оваа игра? Официјалниот симбол на законот се однесува на државата и владеење на законот. Државата може да се состои од институции кои ја делат моќта и меѓусебно се контролираат со систем на проверки и рамнотежи – собранието, владата и правните судови. Таа може да биде водена од добронамерен или деспотски автократ. Законите се пресудни, бидејќи тие ги претвораат човековите права во граѓански права за граѓаните на една држава. Затоа законите ги заштитуваат човековите права ако тие се прекршени. Сепак, како што покажува сликата, човековите права можат да се прекршат од сограѓаните, а дури и од неправеден закон.

Алтернативно, законот мора да направи рамнотежа меѓу правата на индивидуалните граѓани и да ги одреди границите на индивидуалните човекови права за да се заштитат на правата на другите.

Вежбите во оваа глава се осврнуваат на овие проблеми со праведноста и правдата. Учениците ќе сфатат дека правдата е пресудна за мирот и безбедноста во општеството.