2. Детските права и правото на образование10

Living Democracy » Textbooks » 2. Детските права и правото на образование10

Детските права уживаат обемна заштита преку опсежен спектар од меѓународни и регионални инструменти како човековите права, хуманитарните народни права и правата на бегалците. Децата профитираат од правата кои се втемелени во Универзалната конвенција. Освен тоа обезбедена е низа од специфични инструменти кои на децата со оглед на нивната посебна потреба од заштита и значењето за целокупното општество им гарантираат дополнителна заштита и им обезбедуваат здрав развој и активно учество на децата и младите.

Европската конвенција за човекови права содржи многубројни одредби за детските права, на пр. правото на образование (во дополнителниот протокол, член 2). Опширниот правилник за детските права сепак ја формира Конвенцијата за детски права при Организацијата на Обединетите Нации од 1989 (КДП). КДП беше првата спогодба која специфично се занимаваше со детските права. Таа претставуваше промена на парадигмата, бидејќи следеше концепт базиран на права и бидејќи врз основа на КДП, договорните држави кои не ги исполнуваат потребите на децата може правно да се побараат. КДП створи нов поглед на детето, како носител на сопствените права и должности соодветни на возраста. Децата повеќе не се набљудуваат како „сопственост“на нивните родители или како беспомошни примачи на милосрдие.

Детските права се протегаат низ сите аспекти од животот на децата и младите и се делат на следните главни категории:

  • право на преживување: правото на живот и покривањето на основните потреби (на пр. адекватен животен стандард, засолниште, исхрана, медицинско лекување);
  • право на развој: правото на детето на целосен развој (на пр. образование, игра и слободно време, културни активности, пристап до информации; слобода на мислата, слобода на совеста и слобода на вероисповед);
  • право на учество: оние права кои на децата и младите им дозволуваат активно учество во животот на општеството (на пр. слободно изразување на мислењето и ова мислење да се изразува за сѐ што го засега детето, правото да пристапи во здружение);
  • право на заштита: правата на децата и младите за заштита од било каква форма на малтретирање, запоставување и искористување (на пр. посебно згрижување на децата бегалци и заштита од учество во вооружени конфликти, заштита од детска работа, сексуално искористување, мачење и злоупотреба на дроги).

Образованието овде се разбира како самостојно човеково право а исто така и како неопходно средство за имплементација на другите човекови права. Образовниот систем кој се обврзал на концепт базиран на правото е подобро подготвен да ги исполни неговите основни задачи – квалитетно образование за сите.

Член 26 од Универзалната декларација за човековите права (УДЧП) утврдува:

(1) Секој има право на образование. Образованието мора, барем на ниво на основно образование да биде бесплатно. Основното образование е задолжително. Техничкото и стручното образование ќе бидат општо достапни, а пристапот кон високото образование ќе биде достапен за сите врз основа на заслужените оценки.

(2) Образованието ќе биде насочено кон целосниот развој на човековата личност и кон зајакнување и почитување на човековите права и основни слободи. Со него ќе се унапредува разбирањето, толеранцијата и пријателството помеѓу сите народи, расни и религиозни групи и ќе се унапредуваат активностите на Обединетите нации за одржување на мирот.

3. Родителите имаат првенствено право да го изберат видот на образованието што ќе им биде дадено на нивните деца.

Како понатамошен развој на некои основни идеи кои за првпат беа изразени во УДЧП во член 28 од КДП образованието се дефинира како право, а членот 29 споменува дека образованието на детето мора да биде насочено на тоа „личноста, талентот и менталните и телесните способности на детето да се развиваат во целост“11.

Како КДП така и УДЧП признаваат дека училишното образование би требало да ги поддржува и почитува човековите права и основните слободи. Но, доколку се сака, човековите права вистински да се разбераат и заштитат, не е доволно само едноставно да се слуша за нив и да се учи, уште повеќе тие мора во меѓучовечките односи и вистински да се живеат. Затоа концептот на човекови права во училишното образование мора да понуди можност овие права и нивните влијанија да се запознаат во автентични контексти на делување и да се спроведат во пракса. Училиштата кои ги уважуваат детските права мора во центарот да го стават и човечкото достоинство на детето.

Правото на образование би требало насекаде да се спроведува и да важи за сите – независно од способностите, бојата на кожата, религијата, полот, националноста, сексуалната ориентација, социјалното потекло или некој друг фактор на идентификација. Понатаму образованието – како што тоа е дефинирано во КДП – мора да биде структурирано така да ги заштитува достоинството и универзалните човекови права на децата и младите.

Еден од централните основни принципи, како во Декларацијата за човековите права, така и во концептот на човековите права, е принципот на недискриминација. Во училишното образование тоа има разновидни последици и меѓу другото значи исто така дека децата – со посебно внимание на загрозените или маргинализираните групи – мора да имаат еднаков пристап до квалитетно образование.

Иницијативата на УНЕСКО за „пријателски училишта за децата“ и концептите на човековите права во училишното образование си постави за цел КДП да се спроведе во и низ училишното образование. За ние да можеме да следиме еден концепт на човековите права, мора да го прошириме нашето знаење за човековите права и да размислиме за влијанието на педагошкото мислење, планирање и оценување. Ние мора да си поставуваме прашања како следните:

  • Кој нема пристап до образование? За кого се работи и зошто овие деца се исклучени?
  • Кој мора нешто да преземе за да се заштити, унапреди и исполни правото на образование за сите?
  • Кои способности во кои области треба да се унапредат за правото на образование да биде загарантирано за сите?
  • Кој мора нешто да преземе за ова право да биде загарантирано и како партнерствата можат да дадат придонес во овој процес?

Во одговарањето на овие глобални прашања може и треба да ни помогнат и да ни бидат водилки следните начела и детални прашања:

Начело 1: Категорично повикување на правата

Прашањата кои во овој контекст се поставуваат: Дали нашите напори за образование се поврзани со човековите права? Дали овие напори го земаат предвид целиот спектар на човековите права? Дали детално третираните човекови права се од очигледна релевантност за потребите и проблемите во нашето општество или една таква врска може да биде воспоставена? Дали ние сме подготвени при поврзувањето на нашата работа со вредностите на човековите права да ги напуштиме нашите „зони на комфор“?

Начело 2: Должност за давање на отчет

Дали оние меѓу нас кои располагаат со власта, како претставници на владата или државните службеници се чувствуваат одговорни  за образованието за човековите права? Во кој аспект стојат тие и самите ние во должноста за давање на отчет? Како можат децата и одговорните за нивно воспитување да ја побараат должноста за отчет?

Начело 3: Овластување и учество

Кога ние мислиме на оние лица за чие образование за човековите права се чувствуваме одговорни: Дали имаме претстава за оние вклучени, кои се засегнати од нашите мерки и активности ? Кој фали на нашите седници, на кои носиме решенија кои него или нејзе ја засегаат? Доколку овие лица не се присутни или не учествуваат во дискусијата како можеме да ги донесеме на преговарачката маса? Како можеме да ги добиеме нивните мислења во врска со тоа кој, што, како и кога во образованието за демократско граѓанство и образованието за човековите права?

Начело 4: Недискриминација и подршка на ранливите групи

И најпосле треба да се запрашаме кои групи во моментот веројатно најмалку профитираат од нашите образовни програми и како да се погрижиме за тоа и тие да имаат учество во него. Токму оние групи на кои човековите права секој ден им се ускратени – маргинилизираните, ранливите и дискриминираните групи – најмалку би профитирале од нашите обиди за образование. Како можеме ние овие групи да ги пронајдеме, достигнеме и да им обезбедиме образовни програми кои навистина ќе бидат опфатно интегративни?

10. Авторка: Felisa Tibitts (2009). Придонес на Комисијата за оценување на Европската година на воспитувањето за демократија, 27. – 28. април 2006, Синаја Романија.
11. Многубројни акти на ООН и човековите права укажуваат на правото на образование, исто така и меѓународниот пакт за економски, социјални и културни права (ООН-социјален пакет, член14) и Конвенцијата за правата на детето (член 28 и 29). Останати основни изјави, општи коментари и документи го зголемија правото на образование, како светската изјава за образование за сите во акциски рамки на Дакар: Образование за сите. Дел 1 – да се разберат демократијата и човековите права (член I, II, IV, VI, VII).