Вежба 7.4. – Проект со планирање7

Living Democracy » Textbooks » Вежба 7.4. – Проект со планирање7
Образовни цели Учениците ги разбираат структурите на заемната зависност во заедницата во период на промена.
Учениците разбираат дека секоја одлука ги засега сите членови во заедницата. Ако одлуката треба да се прифати и поддржи, сите членови на заедницата треба да ја разберат и да имаат можност да учествуваат во процесот на одлучување.
Ресурси Опис на вистински или фиктивен проект за планирање на урбана населба. Во предвид треба да се земат социјалните, економските, демографските, транспортните и други проблеми.
Наставникот треба да подготви комплет на карти за актерите во играњето на улоги. Следните примери можат да му дадат идеа на читателот за тоа како може да се симулира вистински плански проект во играње на улоги.

Забелешка за наставникот

Има многу скриени цели во оваа вежба. Се остава на наставникот да одлучи кои од овие елементи треба отворено да се дискутираат, а кои се само помош за наставникот да разбере и да им објасни на другите кој е потенцијалниот ефект врз учењето.

  1. Учениците ја развиваат волјата за слушање и разбирање различни гледишта и интереси, без разлика дали се согласуваат или не се согласуваат со нив.
  2. Учениците учат да ги предвидат последиците и резултатите од опциите во процесот на одлучување.
  3. Учениците го искусуваат носењето одлуки во демократски рамки. Ова треба да е баланс од учествувањето и ефикасноста (пр. секој треба да каже нешто, но треба да има временско ограничување за секој исказ и целиот процес).
  4. Основно проникнување: во отворено, т.е. општество на учење, општото добро не е одредено од ниеден авторитет, туку тоа се одредува со привремена одлука која е отворена за ревизија ако излезат нови проблеми.

Процедура

  1. Учениците се делат на парови. Секој пар добива копија од проектот и една од картичките. Еден пар на ученици претседава со дебатата која следи.
  2. Паровите прават список од сите придобивки и проблеми поврзани со проектот.
  3. Тие тоа го прават од перспектива на личноста чија улога исполнуваат.
  4. Тие прават заедничка одлука за или против проектот (15 минути).
  5. Еден по еден, секој пар ја претставува неговата позиција и ги објаснува неговите причини.
  6. Во дебатата, секој пар треба да каже што би сакал да се изврши. Треба да има временско ограничување за секој ученик и целата дебата.
  7. Учениците гласаат за да одлучат дали проектот ќе се имплементира или не.

Последователна работа

  1. Дали има други групи чии мислења треба да се ислушаат?
  2. До кој степен вашето мислење беше под влијание од другите?
  3. Дали одредени интереси од некоја група влијаат на други групи?
  4. Дали има групи чии интереси заслужуваат повеќе внимание?
  5. Дали има групи чии интереси ретко или воопшто не се слушаат?
  6. Дали решението кое мнозинството го изгласа го претставува најдоброто решение за целото општество?

Продолжение

  1. Индивидуалните ученици имаат одредена улога без поддршката на партнерот.
  2. Играњето на улоги вклучува слушање на експерти кои можат да посочат на специфични аспекти од проектот.
  3. Дел од класот има улога на порота или локален парламент кој ја носи конечната одлука, без застапување на одредени групи со интерес (репрезентативна демократија).
  4. Двајца или тројца ученици се новинари и гледачи. Тие даваат повратна информација за процесот на одлучување и улогите на учениците.
  5. Ако се симулира вистински процес на одлучување во играта, може да се поканат локалните политичари или новинари на дискусија со учениците.
  6. Овој модел може да се користи за организација на вистински процес на одлучување во училиштето.

Материјал за наставници

Прашања за правење на картички за играта

  1. Вие сте наставник:
    • Дали гледате причини за тоа зошто проектот би бил добра идеја?
    • Дали мислите дека може да претставува проблеми?
  2. Вие сте сопственик на мал бизнис:
    • Дали гледате причини за тоа зошто проектот би бил добра идеја?
    • Дали мислите дека може да претставува проблеми?
  3. Работите во здравствен центар.
  4. Работите како ѓубреџија.
  5. Вие сте возач на автобус.
  6. Вие сте скорашен доселеник од друг регион или држава и барате работа.
  7. Вие сте млади луѓе кои работат во населбата.
  8. Вие сте менаџер на мала компанија.
  9. Вие сте политички претставник.
  10. Итн.

 

7. Адаптирано од С.Фонтен, Education pour le développement humain, De Boeck, 1996.